МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Неделков: Вработените во градинките стравуваат за нивното здравје. Бараме да се направи детална анализа

   Време за читање 4 минути

Преку анкети ќе се знае колку деца има потреба да бидат веднаш згрижени во градинките. Од труд и социјала под чија надлежност се градинките велат дека додека не одлучат здравствените власти како да работат овие установи и колку ќе бидат безбедни децата градинките остануваат со клуч на врата. Порталот Работник побара став и од Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, којшто рече дека и вработените во градинките стравуваат за нивното здравје.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК од здравствените власти во Р. Македонија очекува многу сериозно да го анализираат проблемот во однос на отворање на градинките и сите оние деца коишто нема кој да ги чува да започнат да одат во градинка, како и оние ученици до десет години, односно до трето одделение коишто би биле сместени во градинките, вели Претедателот на СОНК, Јаким Неделков за порталот работник.

„Сметаме дека здравствените власти треба да направат сериозна анализа и да размислат што тоа би значело и кои се можните последици од отворањето на градинките од аспект на тоа што се бараа од воспитно – образовниот кадар да направи анализа за тоа колку деца би дошле. Меѓутоа, ние не сме многу сигурни за оние деца коишто би дошле во градинка, односно за тоа дали го носат вирусот Ковид -19 во себе“, вели Неделков.

Според него, во информацијата којашто ја има во јавноста се вели дека за децата ќе биде потребно да се набави потврда од матичен лекар, за тоа дека се здрави, односно дека не го носат вирусот во себе, а тоа значи дека со една потврда, ќе се тврди дека детето е здраво.

„Можно е тоа дете да го има вирусот во себе или да го добие од сопствените родители коишто одат на работа или се движат во социјални средини, во кои можат да заразат со корона вирусот. Тоа би значело дека едно дете би можело во една градинка да зарази поголем број на деца, или во најлош случај, сите деца, меѓу другото може да бидат заразени и вработените во градинките“, смета Неделков.

Што се однесува до вработените во градинките, Неделков е на став дека тие треба да се тестираат дали во себе го имаат вирусот. За таа цел, тој апелира до здравствените власти и до Владата на Р. Македонија многу добро да размислат дали е доволно само со лекарска потврдата децата да дојдат во градинка, дали не е преопасно да се експериментира со децата и дали со отворање на градинките не се отвора мала врата за ширење на корона вирусот.

Неделков прашува и како ќе се осигура дека децата ќе бидат на два метра оддалечени, како ќе се обезбеди носење на маски на децата и како ќе се обезбеди миењето на рацете и дезинфекција на децата.

„Сето ова го загрижува воспитно – образовниот кадар во детската заштита. Одговорноста пред се е нивна и се што ќе се случува во градинките ќе се стави на грбот на вработените. Меѓутоа не смееме да заборавиме дека и вработените во градинките се исплашени за нивното здравје. Тие се претежно луѓе во повозрасни години коишто доколку се заразат од децата кои се најголеми преносители, последиците по нивните животи би биле катастрофални. Од таа причина вработените стравуваат и за сопственото здравје“, вели Неделков.

Ставот на СОНК, како што вели Неделков е да се оди по чекорите што ги презема Министерството за образование и наука, наставата да се заврши во законскиот рок, преку далечинско учење. Тој вели дека на ваков или сличен начин би требало да функционира и воспитно – образовниот процес во градинките.

Тој додаде дека ваквиот начин на работа треба да се овозможи за да се зачува здравјето и на децата, но и на вработените во градинките.

Бобан Илијевски