МакедонијаНовостиСиндикат

Неделков: Легна зголемена плата за 12 отсто на сметките

   Време за читање 1 минута

Лидерот на синдикалната организација СОНК, Јаким Неделков,денеска претпладне ги извести културните работници дека им е легната зголемена плата од 12 отсто на сметките. Претходно синдикатот најавуваше протест затоа што беше неизвесно дали Министерството за финансии ќе одобри зголемување, а платата им доцнеше подолго од законски предвидениот рок.

„Само СОНК може со најава на протест да ги оствари своите барања веднаш! Денес почна исплатата на зголемена мартовска плата за 12 проценти во културата!“, објави Неделков на социјалните мрежи.

Пред Министерството за култура имаше протест поради доцнењето на платите во културата и наводен обид да се скрати нивното право за усогласување на платите со постоечките колективни договори.

Претходно, претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција рече дека веројатно ќе донесат одлука за протест, иако е период на избори, а ако проблемот се продлабочи, рече, веројатно ќе донесат одлука и за генерален штрајк во установите од културата.

СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до 15-ти односно до 10-ти во месецот.

Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државата, мартовската плата требаше да им биде зголемена за 12 отсто. Пресметките биле изготвени од установите за култура, но наводно немало одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка.