Uncategorised

Недостигот на работна сила во ЕУ – неодолива понуда за македонските работници (МУЛТИМЕДИЈАЛНА КОЛУМНА)

   Време за читање 3 минути

Автор Бобан Илијевски

Недостиг на работна сила има речиси во секоја европска држава, вклучително и во Германија и Шпанија. Поради тоа, овие две држави размислуваат да ги олеснат процедурите за вработување на странски работници. Доколку го направат тоа, претпоставувам дека овој потег ќе им ја отвори вратата на многу наши работници за работа во овие земји, со што Македонија ќе има уште поголем дефицит на работна сила.

 

Во ниеден поглед, Македонија не може да се стави на исто рамниште со Германија или Шпанија, каде што платите се доста поголеми од нашите, па поради тоа Владата ќе мора да подготви стратегија за да се справи со потенцијалниот масовен егзодус на македонски работници. Ние не сме дел од Европската унија, но ништо не нѐ спречува во тоа да воведеме работнички права и работни услови по европска мера.

Само во Германија има 1,7 милиони слободни работни места кои треба да бидат пополнети, а државата планира да прима по 500,000 мигранти годишно.

Вчера Дојче Веле објави дека во Германија има 13,5 илјади работници од Македонија кои со македонски пасоши добиле виза за работа. Ако на оваа бројка се додадат и оние кои работат со пасоши на земји членки на ЕУ, претпоставката е дека бројката би била значајно поголема.

Во Македонија ситуацијата со работничките права и воопшто работните односи некако тешко се подобрува. Според мене, тоа најмногу се должи на незаинтересираноста од страна на државата да ја стави оваа тема, која е од општествена важност, повисоко на пиедесталот. Наместо тоа, таа се бави со прашања коишто досега требаше да бидат решени. Јасно е дека незаинтересираноста за решавање на проблемите од областа на работните односи се одразува врз нашата економија, а тоа најдобро го знаат работодавачите. Тие, според мене, треба да ја притискаат Владата да спроведува трудови политики за да можат да добијат што е можно поквалитетен кадар за нивните компании. Воедно, треба да покажат разбирање и за вработените и да им ги зголемат платите согласно трошоците за живот и да им обезбедат добри и безбедни работни услови. Во спротивно, недостигот од работна сила може само да се влоши.

Многу е важно да се работи во повеќе сегменти од областа на работните односи. Не е доволно само зголемување на минималната плата или фалење со тоа дека просечната плата стигнала над 500 евра. Мене, а верувам и дека на многу други граѓани им се сосема јасно како просечната плата се зголемува.

И кончено, треба да се работи на формализирање на сивата економија која претставува горлив проблем во нашата држава. Илјадници вработени работат без никаква сигурност, не знаејќи дали утре кога ќе одат на работа, работодавачот ќе им каже дека повеќе не му се потребни, а со тоа да ги изгубат и приходите.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.