- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Нееднаковост во време на корона: Примањата на жените и младите намалени во однос на останатите граѓани

Нееднаковост во време на корона - Работник
153views

Нееднаквоста во нето примањата на граѓаните е зголемена значајно во вториот квартал на 2020. Џини коефициентот е зголемен од 30% на 33,5%, што претставува многу високо зголемување за таков краток рок. Најпогодени од кризата се лицата со примања околу минималната плата. Примањата на жените и младите се намалени за значајно поголем износ во споредба со останатите граѓани.

Ова е се дел од наодите од Студија за ефектите од пандемијата врз економијата за периодот 2020 – 2022 година, која беше презентирана на Конференција организирана во Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

Студијата е изработена од ЗМАИ со поддршка од Парламентарната буџетска канцеларија  на Собранието на РСМ, а меѓу клучните наоди се дека пандемијата предизвика пад на македонската економија од 4,5% во 2020 година.

„Споредено со другите европски земји падот на македонскиот БДП е на средина. Падот беше ублажен од фискалната поддршка од Владата за време на пандемијата. Вработеноста за време на пандемијата се намали за 2,7%, што е помалку изразено од намалувањето на БДП, но е сепак падот е меѓу најистакнатите во Европа. Пандемијата ги секна и странските инвестиции и дознаките од странство, но надворешната стабилност беше задржана поради владиното задолжување“, стои како еден од наодите.

Исто така, вкупната вредност на владината поддршка за компаниите за исплата на плати во текот на 2020 изнесувала близу 8 милијарди денари (1,2% од БДП). Поддршка добиле 31.206 компании (40% од вкупниот број активни фирми во државата), за вкупно 133.000 работни места (17% од вкупните вработени во државата).

„Трговијата на мало, трговијата на големо и производството на облека се трите најголеми корисници на поддршка, но процентот на поддржани компании е најголем кај другите лични услужни дејности, туристичките агенции и обложувалниците“, е уште еден од заклучоците.

Најголем дел од помошта завршила кај микро компаниите, но најголема ефективна поддршка добиле малите компании. Од друга страна, компаниите кои имаат остварено добивка од 5-10 % во 2019 г. имаат добиено најголема просечна поддршка по компанија.