Голем дел од отпуштени работници од одредени сектори, не можат да одговорат на барањата на месната индустрија
Отпуштени работници во месната индустрија нема и не се планираат доколку се исполнат барањата на преработувачите на месо, рече Претседателот на Групацијата на производители и преработувачи на месо при Стопанската комора на Северна Македонија, Гоце Трајчев, на прашање на порталот Работник.
Барањата на Групацијата се враќање, односно за ослободување на скратените количини од последната мерка на Владата за укинивање на царинските давачки на замрзнато свинско месо за преработка. Целта на барањето е да се вратат редовните количини кои се во регуларни услови на стопанисување и беа одобрувани во изминатите три години, а во октомври 2020 година беа преполовени на 3.200 тони, иако беше измината скоро една година од појавата на пандемијата.
Во однос на прашањето на порталот Работник, како стои месната индустрија со кадар, Трајчев рече дека како и секаде и во месната иднустрија има проблеми со кадарот, но преку користењето на оваа мерка ќе успеат да ги задржат вработените, а и преку покачување на личниот доход кој пред пандмеијата бил зголемен за 15 – 20 %, линеарно на сите вработени.
Васко Ристовски од Групацијата на производители и преработувачи на месо дополни дека како резултат на пандемијата, генерално во стопанството, кога на почетокот имало одложување или прекинување на договорите за македоските компании, дошло до отпуштање во одредени сектори.
Тој посочи дека се случило едно прелевање, односно вработените од тие сектори се обидат да преминат во други сектори, нагласувајќи дека недостатокот на стручен кадар е нешто што трае веќе подолго време, а месната иднустрија е една од индустриите која се соочува со овој проблем, затоа што најголем дел од луѓето ја напуштија земјата, заминувајќи во земјите од Европската унија.
„Преку комората, заедно со Министерството за образование, гледаме да го решиме овој проблем. Имаме престриктуирање на образованието, вклучување на македонските компании во создавање и обучување на нов кадар потребен за индустријата. Ќе биде потребен уште некој период за да се избалансираат барањата од компаниите и она што ќе го даде државата. Луѓето коишто ги изгубија своите работни места, бараат работа во другите индустрии, но тоа е еден специфичен кадар кој не може да одговори на барањата на оваа индустрија“, рече Ристовски.
Во 2019 година, во месната индустрија биле вработени 1,228 лица.
Бобан Илијевски

