- Advertisement -
Македонија

Нема новодијагностицирани пациенти – од денеска се воведува телефонска психолошка поддршка за граѓани и ранливи групи од Клиниката за психијатрија

312views

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција информираше дека нема новодијагностицирани пациенти, а првата пациентка кај која беше дијагностициран вирусот, денеска, е пуштена на домашно лекување, во сосем добра клиничка состојба.

„Контролната слика на белите дробови, покажа дека нема големи последици, може да се упати на домашно лекување, а ќе повторам дека сите кои беа во контакт со неа се тестирани, немаат никакви симтоми и тие се практично здрави. Исто така е непроменета состојбата на сите други 18 пациенти, од кои 13 се на Клиника за инфективни болести, непроменета е состојбата и на пациентката на респираторна машина и таа е во стабилна состојба, додека пациентите во Дебар се со лесна клиничка слика. Интензивно разговараме со нашиот инфектолог, професорот од Инфективна клиника кој сега таму ја координира работата на локалните инфектолози, како и епидемиологот во насока на дополнителни анализи, проверки, евентуално индикација за нови тестирања на повеќе луѓе. Тоа значи форма на скрининг, согласно светските искуства во некои земји, дури и на луѓе за кои не сме сигурни дека биле во контакт со заболени лица. Очекуваме во текот на денот или утрешниот ден да стигнат материјали за тестирање и до 80 лица, се со цел детално да се скринира овој регион”, информира министерот Филипче.

Advertisement

Министерот истакна дека координацијата на лекарските служби е добра и се одвива континуирана комуникација со лекарите и со директорот на болницата во Дебар.

„Во овој момент се тестираат седум пациенти, од кои три лица се од Дебар, кои потекнаа од вчерашните анализи, по проверките на луѓето во врска со овој кластер на пациенти и тие се луѓе кои имаат симптоми на грип. Понатаму двајца се преку Центарот за јавно здравје во Штип и двајца пациенти, кои се на Инфективната клиника”, посочи министерот Филипче.

Advertisement
Advertisement

Воедно, посочи дека утрово првпат се состана и Кризниот штаб на ниво на Владата, во кој претставници на секој од ресорите ја кажа состојбата и објасни како се спроведуваат мерките на терен. Добро се спроведува и кризната состојба во Дебар и Центар Жупа, сите органи и тела и сите институции работат координирано. Граѓаните од овој регион покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, и придржување до мерките.

Новина е воведувањето телефонска психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи од Клиниката за психијатрија, што почнува од денеска. Станува збор за психолошка поддршка на родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните на Дебар и Центар Жупа, во соработка со болницата во Дебар.

1. Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст – тел. 072912676

2. Психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација – тел. 072919009

3. Психолошка поддршка на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа, во соработка со Медицински Центар Дебар тел. 070 241 807

4. Пациентите закажани во Мој Термин за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видео врска на некоја од интернет мрежите (по договор).

Исто така, на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести утрово е констатирано дека треба да се ослободат од работни обврски и родителите на децата со цистична фиброза.

Во однос на зајакнување на кадарот, министерот информираше дека е подготвен список на лекари-анестезиолози и медицински сестри, кои по потреба ќе ротираат во институциите каде ќе биде потребно. Станува збор за близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава. Воедно, откажан е хроничниот програм во сите хируршки одделенија.

На крајот тој повторно упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето, бидејќи тоа е едиствениот начин да се стави крај на патот на ширење на вирусот.

Инаку, за денеска е закажана седница на Владата во 19:00 часот, на која ќе се дискутира за повеќе мерки за спречување на коронавирусот.

Извор: Влада

Advertisement