Немојте да потпаѓате под влијанието на „купените“ колеги
Автор: Бобан Илијевски
Авторот замолува тврдењата изнесени во писанието да не се земаат здраво за готово, бидејќи се базираат на негови лични ставови и мислења.
Во минатата колумна го споделив личното искуство кое го доживеав на едно од работните места. Забележав дека многумина од вас го прочитаа и споделија и сум многу благодарен за тоа. Имаше и низа на реакции, па поради тоа решив да напишам втор дел од колумната, каде ќе го изнесам моето мислење за неколку работи во контекст на односите во фирмите, помеѓу колеги и помеѓу вработени и газди.
Немојте да потпаѓате под влијанието на „купените“ колеги
Постојат газди коишто навистина умешно знаат да поткупат некои од своите вработени со цел да шпионираат за нив. Ќе им дадат плус 1,000 или 2,000 денари и ќе ги „конвертираат“ во нивни соработници. Се разбира, оваа тактика не пали баш кај секој вработен, но е делотворна кај оние кои имаат релативно ниска свест и се научени цел живот некој друг да им наредува што да прават, бидејќи сметаат дека ако не постапуваат на тој начин, ќе бидат отфрлени.
Внимавајте како се однесувате со ваквите „колеги“ и немојте да влегувате во конфронтација со нив. Со тоа им давате само поголемо значење, а тоа воопшто не го заслужуваат.
Ако забележите дека има голем дел поткупени колеги кои ви го згорчуваат денот на работа и притоа ви прават постојано сопки, немојте да потпаднете под нивното влијание, оти нив тоа им е крајната цел.
Да не заборавам – и во ниеден случај, доколку барате нова работа, не им го откривајте тоа.
Не му возвраќајте на лошиот шеф со бес, игнорирајте го
Од лично искуство можам да посведочам дека расправијата со газдата (лошиот шеф) и „купените“ колеги не е никогаш добра опција, пред сѐ, поради тоа што нема да имате никаква полза.
Сега, тоа не значи дека не треба да ги посочите аргументи, но кога го правите тоа, нека биде умерено – без подигнување на тонот.
Доколку сте очајни и не можете повеќе да издржите на работното место, без никој да знае, барајте нова работа. Запомнете дека сега е време кога има недостиг на работна сила, па вие сте тие кои му требате на шефот, а не обратно. Ви велам да не кажувате на никој, бидејќи ако односите во компанијата се напнати, нема да знаете на кого да верувате, како и јас што не знаев.
Тука би сакал да ви дадам уште еден совет. Можеби имате роднини и пријатели кои и покрај тоа што имате огромни проблеми на работа, ви велат да „работите и молчите“ оти немате друг избор. Јас ќе ви кажам дека секогаш има избор. Ама баш секогаш. Не сите шефови се лоши, има и добри, само треба да се најдат. Не ги слушајте вашите блиски кога ви го велат тоа, не дека ви мислат лошо, напротив, но тие не знаат со какви проблеми се соочувате. Многу е лесно да му даваш некому совети без да имаш доживеано такво искуство.
Не залудно постои онаа поговорка: „Слушај го напатениот“.
И за на крај, секогаш имајте на ум дека вие сте тие кои придонесуваат во правењето на профитот.
Можете да најдете многу газди кои работниците ги гледаат како некаков товар, а не како работници поради кои може да си дозволи да купи вила, скап автомобил и слично.
Ценете се себеси, оти е многу поважно тоа отколку да ве цени некој друг, бидејќи во мал број се луѓето кои навистина знаат да ценат некој.

