НовостиСветот на работникот

Зошто „дигиталната писменост“ сега е нешто околу кое не може да се преговара?

   Време за читање 4 минути

Дигиталната писменост, односно дигиталните вештини некогаш значеле основно познавање на компјутери – испраќање на електронска пошта или куцање во програми како Word.

Сега тоа значи работење прилагодувајќи се и стратешки на сите алатки, уреди и платформи.

Тоа е вештина која во голема мера се бара од работниците – луѓе кои би можеле да користат одреден софтвер на работа и мораат точно да знаат како да го користат.

Сега дигиталната писменост значи поседување на вештини за напредување во општеството каде комуникацијата и пристапот до информации се повеќе се врши преку дигиталните технологии, како што се онлајн платформите и мобилните уреди.

Концептот опфаќа широко познавање на низа дигитални алатки кои овозможуваат работа во канцеларија, хибридна или работа на далечина на сите работни места: размислувајте за софтвер за соработка во реално време, апликации за зборување во живо на работното место и софистицирани асихнорни работни алатки.

hands g77556912b 1920 1

Начин на размислување

Денес дигиталната писменост повеќе не е функционален предлог, туку начин на размислување.

На современото работно место постојат се поголеми очекувања од вработените да учат нови технологии кои доаѓаат со нивната работа, како и да се прилагодат на алатките и пристапите кои постојано се менуваат, пишуваат медиумите.

Исто така, од работниците се очекува стратешки да ја користат технологијата: од работење на личните мобилни уреди, до користење на различни програми за работа.

И што е најважно, дигиталните вештини стануваат универзално применливи во речиси се, вели Џинг Џоу, директор на Центарот за истражување на иднината на работата на Универзитетот во Сари, Велика Британија.

До 2019 година, извештајот на Владата во Велика Британија покажал дека дигиталните вештини се потребни за најмалку 82 % од огласените работни места.

Џоу вели дека работниците кои мируваат и престануваат да стекнуваат дигитална експертиза, ризикуваат да заостанат зад другите.

„Секој пат кога технологијата се развива, таа ги зголемува барањата за вештини од работната сила. Тоа станува трка помеѓу дигиталните вештини и технологијата: што побрзо напредува, толку побрзо треба да ги ажурираме своите вештини. Скалата постојано се крева“, вели тој.

Зошто на сите им е потребна дигиталната писменост?

„Дигиталната писменост е широк концепт: со дигиталните уреди можете да правите од најобични операции, до најсложени заачи“, објаснува Џоу.

Може да варира од принтање на фактури, преку користење на програми за обработка на текст и табели, до напредни употреби како веб дизајн, анализа на податоци, компјутерско програмирање и кодирање.

Побарувачката на пазарот на труд за дигитална писменост константно расте од осумдесетите години.

„Дигиталната писменост – и побарувачката од работодавачот за дигитални вештини – се повеќе еволуирала откако економијата и пазарот станале подигитализирани“, вели Дени Стејси, шеф на службата за таленти во Велика Британија при платформата за вработување Indeed, со седиште во Лондон.

Она што некогаш се сметало за бонус, сега е критична компонента за речиси секоја позиција.

Денес вработените мораат да знаат дека треба да ги унапредуваат дигиталните вештини.

На крајот на краевите, очекувањето кога работникот ќе започне на нова позиција е или да има дигитални вештини или дека ќе ги научи – брзо.

„Без оглед на работата која сте ја работеле претходно, работодавачот сега очекува да ги научите сите дигитални вештини кои се потребни за некоја работна позиција“, вели Џоу.

Една позитивна вест е дека дури и да не го знаат конкретниот термин, работниците веќе се прилично дигитално писмени. Сеприсутноста на технологијата значи дека речиси сите праќаат е-мејлови, пораки, снимаат и скролаат, што често се претвораат во вештини на работното место.

Исто така, она што луѓето го прават вон работните место, може да им помогне.

За вработените кои заостануваат во дигиталната писменост, користењето на технологијата дома нуди можности за експериментирање и учење.

На пример, гледањето со пријателите преку видео повик, а не текстуални пораки, може да помогне вработениот да се запознае со апликациите кои ќе ги користи на работа; користењето на социјални мрежи може да им помогне да се навикнат на неформалните форми на комуникација со кои можат да се сретнат низ алатките за соработка на работното место.

Извор: BIZLife

Фото: Unsplash, Pixabay