Колумни

Непродолжувањето на договорите на определено време е законски, но дали во некои ситуации е човечно?

   Време за читање 10 минути

Подолу во текстот можете да прочитате за паричниот надоместок од страна на Агенцијата за вработување за невработени лица. 

Патешествијата на самохраните родители, во случајот самохрани мајки

Еден од најголемите проблеми со коишто се соочуваат работниците во Македонија се договорите на определено работно време. Оваа теза ми произлезе од минатонеделните разговори со повеќе работници коишто ги изгубиле своите работни места, токму поради тоа што им завршил договорот. Тука нема ништо спорно. Работодавачот има право да не го продолжи договорот на определено време, но спорно е тоа што се прави на нечовечки начин. Не продолжувањето на договорот на неколку десетици работници е навистина пример за нечовечност. Меѓу тие вработени има и самохрани родители коишто со тоа што го губат правото на здравствено осигурување и нивните деца го губат истото.

Утре е Меѓународен ден на жената – 8-ми март, ден кога се актуелизираат правата на жените, иако тоа не треба да биде така. Борбата за нивните права, меѓу кои спаѓаат и работничките права, треба да биде актуелна 365 дена во годината, а не за нив да се зборува само за 8-ми март и потоа на нив да се осврне повторно на следниот 8-ми март и така ад – хок да се обрнува внимание на нив. Оној кој ќе ја чита оваа колумна сигурно ќе си помисли дека нема логика, бидејќи почнувам со договорите на определено работното време, а потоа се надоврзувам на правата на жените. Тоа го правам, бидејќи двете работи се поврзани. Минатата недела, за жал, имав можност да слушнам неколку приказни од самохрани мајки кои останале без работа, а и со тоа без услови за егзистенција. Тука би сакал да го ставам акцентот на нив. Тие се една од најранливите категории во Македонија и никој во минатото, па ни сега, не презема нешто за да им се помогне и со тоа се оставени самите на себе. Токму денеска зборував со една самохрана мајка која работела во една странска компанија во Западниот дел на Македонија. Таа, поради тоа што имала здравствени проблеми, морала, во неколку наврати да земе боледувања. Кога дошло времето да и истече договорот за работа, раководството на компанијата не и го продолжил, со образложение дека матичната компанија не сакала вработените да земаат многу боледувања. Колку за објективност, има вработени коишто сакаат да го злоупотребуваат правото на боледување, за да не одат на работа, но случајот со самохраната мајка не е таков. Таа ми рече дека поседува документи од здравствените прегледи, како и за операцијата која ја правела, сепак тие не и помогнале да докаже дека е во право. Има седумнаесет годишно дете кое за кратко останало без здравствено осигурвање, но среќата брзо и се насмевнала и нашла нова работа, па со тоа сигурноста до некој степен се вратила. 

Исто така, неодамна зборував со две самохрани мајки од текстилна фабрика во југоистичниот дел на Македонија, од каде биле отпуштени од 60 до 70 вработени (точната броја е непозната), меѓу кои биле и овие две самохрани мајки. Двете, со очајнички тон на гласот, ми ги раскажуваа нивните маки. Ми рекоа дека додека било старото раководство на фабриката најголемиот дел од вкупно 250 вработени биле на договори на неопределено работно време, но откако новото раководство ја презело фабриката, тие, немајќи друг избор, потпишале нови договори, но овој пат на определено работно време. Така, на овие 60 до 70 вработени не им бил продолжен договорот и останале без работа. Самохраните мајки автоматски го изгубиле правото на здравствено осигурување, а со тоа и нивните деца.

Нивен единствен избор е да аплицираат за надоместок во Агенцијата за вработување. Според она што е наведено на веб страната на Агенцијата за вработување – право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.

Поради оваа причина, подоле во во текостот ќе вметнам извадоци од Агенцијата за вработување кои се однесуваат на правото на надоместок за невработени лица.

Како се поднесува барањето за надоместок до Агенција за вработување?

Барањето за надоместок се поднесува во Центарот за вработување во местото на живеење на невработеното лице, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.
Доколку барањето се поднесе по истекот на рокот, паричниот надоместок се исплатува од денот на поднесувањето на барањето за преостанатиот период.
Паричен надоместок не се исплатува доколку барањето е поднесено по истекот на времето за кое следува истиот.

Колку изнесува паричниот надоместок?

Што се однесува на висината на паричниот надоместок, висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата.
Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.

Кој нема право на паричен надоместок?

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал поради:
–    давање писмена изјава за престанок на работниот однос (освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак);
–    спогодбен престанок на работен однос;
–    остварува права од работен однос спротивно на закон;
–    престанок на работен однос по сила на закон (освен во случај на престанок на правното лице поради стечај);
–    отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина;
–    одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
–    одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавец;
–    одбивање обука, преквалификација или доквалификација;
–    губење на работната способност, согласно прописите за пензиското и инвалидското осигурување и
–    исполнување услови за остварување право на пензија.

Невработеното лице нема да може да оствари право на паричен надоместок, а доколку е корисник на паричен надоместок, ова право ќе му престане доколку:
–    основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
–    врши занаетчиска, односно професионална дејност.

 

Колку време се исплатува паричниот надоместок

Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува 1 месец, ако има стаж на осигурување најмалку 9 месеци во непрекинато траење или 12 месеца со прекин во последните 18 месеца;

Ако стажот на осигурување изнесува Паричниот надоместок се исплатува за време од
над до (изразено во број на месеци)
18 месеци 2,5 години 2 месеци
2,5 години 5 години 3 месеци
5 години 7,5 години 4 месеци
7,5 години 10 години 5 месеци
10 години 12,5 години 6 месеци
12,5 години 15 години 7 месеци
15 години 17,5 години 8 месеци
17,5 години 20 години 9 месеци
20 години 22,5 години 10 месеци
22,5 години 25 години 11 месеци
25 години   12 месеци

Невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настанувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок. Значи, невработеното лице кое има над 60 години и 6 месеци возраст (жена), односно 62 години и 6 месеци возраст (маж) и над 15 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок, (за овие невработени лица не се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување).

Продолжување на паричниот надоместок

Паричниот надоместок продолжува да се исплатува и по истекот на времето:
–    на жена за време на бременост и породување; и
–    ако Агенцијата го упати невработеното лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.

Податоците се преземени од веб страната на Агенцијата за вработување

Бобан Илијевски