ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Неформалната економија е нелојална конкуренција за компаниите кои работат легално

   Време за читање 3 минути

Неформалната економија е нелојална конкуренција. Вака бизнис секторот ја дефинира неформалната економија.

Македонија веќе со години тоне во сива економија. Податоците покажуваат дека таа е намалена во однос на 2013 година. Поточно, податоците на Finance Think покажуваат дека таа изнесува 23,2 % од вкупната економија. Ова значи дека таа „јаде“ четвртина од бруто домашниот производ на државата.

Мерките се добри на хартија, но не се импелментирани во пракса

Владата е свесна за обемот на неформалната економија, вели Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија. Сепак, како што вели, справувањето со неа оди тешко.

Последната стратегија за формализација на неформалната економија, посочи тој, е донесена во декември 2017 година. Истата се однесува за периодот 2018/2022.

Таа изобилува со анализи и констатации, но мерките кои треба да се преземат се општи и формални. За жал, само мал дел од мерките кои се конкретни и специфични се импелментирани – констатира Димитров. 

Неформалната економија е нелојална конкуренција

Со една реченица – неформалната економија е нелојлна конкуренција за формалната економија, смета Димитров.

На пример, ако имаме сервис за поправка на автомобили кој работи дома и без пријавени работници, тој ќе биде нелојална конкуренција за оној што работи согласно сите законски прописи и плаќа даноци и придонеси за вработените – вели Димитров. 

Според него, ова може да го поттикне сервисот кој работи легално, формално да затвори и да премине во сива економија.

Министерството за финансии треба да има поголема улога во справувањето со сивата економија

Доминантната улога во справувањето со неформалната економија ја има Министерството за труд и социјална политика.

Димитров смета дека тоа се должи на мислењето дека МТСП е најмногу надлежен преку свите инспекции за труд, чија надлежност е да ги открива нелегалните вработувања и да издава решенија со кои вработените би се вработиле и би плаќале даноци и придонеси.

Неговиот став е дека во овој дел, поголема надлежност треба да има Министерството за финансии.

Сметам дека многу поголема улога тука треба да добие Министерството за финансии. Тоа има пристап до трансакциските сметки на сите граѓани во земјава. Ако го намалиме кешот во прометот и сите плаќања одат преку сметка т.е со платежни картички, може да се открие кој граѓанин има доволно средства за живеење а не е се води како вработен. 

Димитров смета на овој начин ќе се сигнализира и за криминал и корупција и други нелегални активности. За да се случи ова, вели тој, треба електронски да се поврзат сите инситуции. На тој начин ќе можат да разменуваат податоци во реално време, па ќе можат да се откријат и потенцјални случаи на сива економија.

Според меѓународните финансиски институции, сивата економија во Македонија е и повеќе од 23 %. Со оглед на тоа дека истата е скриена, не може точно да се процени колку изнесува.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.