Новиот буџет пред Владата до крајот на октомври, проекциите за раст се меѓу 2,9 и 3,1 отсто

Министерот за финансии Фатмир Бесими вечерва најави дека до крајот на октомври буџетот за 2023 година ќе биде доставен до Владата.

Се очекува инфлацијата идната година да се ублажи и да биде под просекот од 11,6 проценти колку што е сега, до август. Варијациите се од пет до осум отсто, но калкулациите се уште се различни, рече Бесими, нагласувајќи дека земјава ќе ги усогласи проекциите со ММФ, и во однос на растот и во однос на инфлацијата.

Според министерот, ќе се разгледуваат сите опции за финансирање идната година, дури и можноста за прва обврзница со клаузула долар.

Ако се покаже потреба за таков пристап, државата тоа ќе го направи, рече Бесими.

Претходно денеска владини извори брифираа дека ќе се оди со понизок буџетски дефицит во однос на лани.

Во однос на минатата година, според првичните проекции се оди со понизок буџетски дефицит. Годинава, буџетскиот дефицит е 5,3 проценти од БДП, а сега ќе биде мегу 4,2 и 4,6 проценти во зависност какви ќе бидат проекциите, односно која ќе биде стапката  на инфлација и динамиката на раст.  До крајот на месецов ќе се знае, велат владини извори.