АНАЛИЗА: Ребаланс на Буџет со “мирис” на можни предвремени избори
Зголемени трошења, подлабок буџетски дефицит, повеќе пари за инфраструктурни проекти но и значајно зголемување на исплатите по основ на социјални бенефиции и субвенции. Трошењата на државниот ФЗО се зголемуваат за 20 000 000 евра додека на ПИО остануваат на иста позиција, но со внатрешна “прераспределба”, при што повеќе пари се планираат за плати, стоки и услуги, субвенции, пишува Порталб. Ребалансот на Буџетот 2026 ја почнува собраниската процедура. Опозицискиот блок го оценува како предизборен Буџет, Владата го брани како развоен.
Приходи и трошења на државните фондови
За по неколку десетици милиони евра се зголемени трошењата на државата за исплата на социјални бенефиции, субвенции и трансфери. Со ребалансираниот Буџет во однос на сегашниот, значајно се зголемуваат највисоките трошковни ставки со кои се опфатени и најголем број на граѓани по различни основи како што се надоместоци, социјални исплати, здравство.
Во ребалансираниот Буџет вкупната сума по основ на “социјални бенефиции” се зголеми на 2 598 300 000 евра што е за скоро 33 000 000 евра повеќе од сега. Трошковната ставка “субвенции и трансфери “ достигна ниво од 532 306 428 што е за дури 10,4% или за 50 217 000 евра повеќе во однос на сегашните расходи. Највисоките износи се канализираат преку двата фондови , ПИО и ФЗО.
Буџетот на Фондот за пензиско осигурување се зголемува за 300 000 евра, на ниво од 2 450 740 000 евра. На расходната страна повеќе пари се планирани за плати и надоместоци, стоки и услуги и за субвенции и трансфери. Од друга страна со ребалансираниот буџет има намалување за 230 000 евра кај ставката ” социјални бенефиции” која и покрај тоа останува највисока – оваа година ПИО за исплати по основ на бенефиции, во најголем дел за пензии, ќе потроши скоро 2 500 000 000 евра. Износот на трансферот од централниот Буџет на сметката на ПИО останува во ист од 1 019 773 000 евра.
Расходите на Фондот за здравствено осигурување достигнаа скоро 908 000 000 евра што е за дури 20 000 000 евра повеќе во однос на расходите во сегашниот Буџет 2026. Трансферот од централниот Буџет на сметката на ФЗО се зголемува на скоро 128 000 000 евра што е за 10 000 000 евра повеќе во однос на првичните буџетски планирања. Во ФЗО позначајно зголемување на трошоците се предвидува кај ставката “плати и надоместоци “која со ребалансот достигна ниво од 11 400 000 евра, зголемување има и на ставката “стоки и услуги” на ниво од 790 000 000 евра , при што скоро целата сума е за “договорни услуги”. Кај “социјалните бенефиции” има најголем пораст , за дури 15 640 000 евра , со што годишните расходи за исплати од ФЗО достигнаа 106 542.207.
Од наплата на придонеси за здравствено осигурување годинава се планирани приходи во износ од 826.244 000 евра што е за 7 100 000 повеќе во однос на сега Во државниот ПИО пак приходите по основ на придонеси за социјално осигурување се проектирани на 1 396 000 000 што е за 2.7600 000 евра повеќе во однос на сегашниот план.
Економски раст предводен од јавна и приватна потрошувачка …
И во ребалансираниот буџет Владата ги потврдува политиките на економски раст поддржан од приватна потрошувачка, пред се поради повисоки плати и пензии. Според креаторите на економските политики, натамошниот раст на платите и на пензиите ќе продолжи поради што ќе се “амортизира” влијанието на ценовните притисоци.
” Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 2,3% во 2026 година, при што влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализиран од растот на платите, зголемените пензии, но и преку владините мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок. Јавната потрошувачка се очекува да забележи раст од 2,5% на реална основа” – се наведува во буџетскиот документ.
Според информации од опозицискиот блок, веќе се подготвува пакет амандмани за предложениот ребаланс на Буџетот за годинава, а една од првичните оценки е дека државната каса навестува предвремени избори, пред се поради значајното зголемување на буџетските ставки за социјални бенефиции, трансфери и субвенции.

