Почна расправата за Буџетот за 2027 година, поднесени се над 300 амандмани
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја започна расправата за Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање. За предложениот буџет се поднесени повеќе од 300 амандмани од овластени предлагачи.
Комисиската расправа ќе трае десет дена. Четири дена се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на поднесените амандмани.
Со Предлог-буџетот се планирани вкупни приходи од 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 отсто повеќе во однос на 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно зголемување од 4,8 отсто.
Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, или 3,5 отсто од бруто-домашниот производ.
За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, додека за социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари. Од нив, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии.
Во 2027 година државата ќе треба да обезбеди и 124,6 милијарди денари за отплата на долгови, од кои 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешниот долг.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претходно изјави дека буџетот е насочен кон одржување на стабилноста на јавните финансии, постепена фискална консолидација и поддршка на економскиот раст и инвестициите.

