НСО: Се изборивме за поголеми плати и подобри работни услови на вработените во одбраната

Стекнување со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста и зголемување на платите за над 2,000 денари, се дел од придобивките за кои се избори Независниот синдикат на одбраната за вработените во Армијата и Министерството за одбрана, велат од Синдикатот за порталот Работник.

Се изгласа новиот Закон за служба во Армијата, а со него припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана добија подобрување на работничките права и работните услови, како и зголемување на животниот стандард, истакнаа од Независниот синдикат на одбраната во изјава за порталот Работник.

Од Синдикатот порачаа дека како единствен репрезентативен синдикат, во изминатиот период, преку долги преговори со Министерката за одбрана Славјанка Петровска, успеал да ги договори измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата, а со тоа се решиле долгогодишните горливи проблеми со коишто се соочувале сите вработени.

Од Министерството за одбрана предводено од министерката, наидовме на вистински социјален партнер кој најпрво ги слушна, ги препозна и на крајот застана рамо до рамо со нас во одбрана на нашите барања и интереси, се со цел здобивање на подобри работни услови, кои беа прифатени од највисокиот извршен орган во државата – Собранието, истакнаа од НСО.

Од таму посочија дека Министерката како вистински лидер ја испромовирала потребата од донесување на измените на Законот, кој во Собранието бил донесен без ниту еден глас против.

Со измените на Законот, припадниците на Армијата, како што потенцираа од НСО, се здобиле со следните придобивки:

Зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2000 денари;

• Зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2000 денари;

• Стекнување со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста;

• Нова пресметка за активен воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата, во висина од 80% од најповолните 10 години од пензискиот стаж;

• Можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1000 евра за секоја година помината во служба;

• Професионалните војници стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата;

• За активниот воен и цивилен персонал се предвидува исплата на боледување во висина од 100 % од основната плата и додатоци на плата;

• Се воведуваат поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата;

• Се регулира областа на професионалност, непристрасност и законитост во вршењето на должностите во Армијата и во Министерството за одбрана, на политички неутрален начин. Законот предвидува дека во Армијата нема место за партиска политика.

Од НСО рекоа дека нема да престанат да ги слушаат барањата на вработените и уште веднаш ќе продолжат да работат за уште подобри предлози и законски решенија кои ќе го вратат достоинството, угледот и ќе го подигнат социјалниот статус на сите вработени во Министерството и Армијата.

Новите трендови на работа, велат од НСО, носат нови предизвици, а со тоа и нови услови кои Независниот синдикат на одбраната ќе ги следи и навремено ќе предлага соодветни законски измени, притоа не заборавајќи на ниедна категорија на вработени во Министерството за одбрана и Армијата.

Уште еднаш упатија благодарност до Министерката, нејзиниот тим, Владата и пратениците во Собранието.

 

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.