- Advertisement -
НовостиСветот на работникот

Објавени огласите за вработување 500 образовни асистенти за работа со ученици со попреченост

Објавени огласите за вработување - Работник
810views

– Огласи за вработување вкупно 500 образовни асистенти за учебната 2021/2022 година, за кои од буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари, објавија пет ресурсни центри кои ќе ги опслужуваат сите основни училишта низ државата во кои има ученици со атипичен развој. Асистентите ќе им бидат поддршка на наставниците и нивната улога ќе биде да ја усогласат и приспособат наставната програма за да ја совладаат и учениците со попречености.

Образовните асистенти ќе бидат вработени во основните училишта со ресурсен центар: „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, „Климент Охридски“  од Ново Село, „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола. Ќе добиваат плата од нешто над 24.000 денари. Треба да имаат високо образование – психолози, социјални работници, специјални едукатори и рехабилитатори, наставници во одделенеска настава и наставници во предметна настава.

Огласите со условите, критериумите и роковите за аплицирање вчера ги објави и Министетството за образование и наука, а за новиот модел на инклузивно образование, министерката Мила Царовска денеска имаше средба со претставници на националните инвалидски организации, родители на деца со попреченост, директорките на основните училишта со ресурсен центар и националниот координатор на телото за проценка по МКФ.

По средбата Царовска изјави дека со воведувањето образовни асистенти во редовната настава се излегува во пресрет на долгогодишното барање и потребите на родителите на учениците кои имаат атипичен развој, затоа што беа принудени сами да ги наоѓаат и да ги плаќаат приватно, и дека на овој начин ќе се подобри квалитетот на образованието.

-Затоа што инклузијата не е добра само за учениците со атипичен развој, туку и за оние со типичен развој, бидејќи научуваат да ги почитуваат разликите помеѓу себе, да живеат заедно и да придонесуваат кон развој на својата општина и својата држава, рече Царовска. Таа ги повика заинтересираните да аплицираат на огласите за да се постигне планираниот број од 500 образовни асистенти кои ќе бидат обучувани од ресурсните центри и постојано ќе ја имаат нивната поддршка.

Рече дека според проценките, 500 се доволни за да ги сервисираат сите потреби, но дека доколку има потреба во иднина ќе се зголемува бројот на образовни асистенти.

Иницијативата ја поздравија родители на деца кои беа на средбата со Царовска. Ирена Жерновска, мајка на дете со атипичен развој, рече дека бенефит ќе имаат четири  страни – родителите, децата, наставниците и самите асистенти кои ќе добијат можност за вработување.

-Ние, родителите, пред се, ќе бидеме ослободени од стресот што го доживувавме на крајот на секој август дали ќе најдеме асистент за детето што сами го плаќавме и беше оптоварување за домашниот буџет. И тоа сега ќе се анулира, рече Жерновска, додавајќи дека на денешната средба се разговарало за натамошно подобрување на инклузијата со воведување асистивна технологија, а вработувањето образовни асистенти да биде долгорочен процес и да не се менуваат од година во година.

Нејзината ќерка Дени е осум години вклучена во редовната настава и, како што рече, имала среќа да има многу добри наставници во нејзиното училиште кои ја разбираат.

-Посакувам на тој што ќе му се паднам како дете за асистирање, да ужива во моите активности, тоа да не го работи со сила. Кој и да ми биде мене асистент, се надевам ќе му биде интересно. Мојот асистент треба да биде активен и секогаш спремен за моите предизвици и моите барање и заедно да носиме одлуки.  Ги повикувам што повеќе да се пријават, рече Дени.

Според Андријана Будимир, ова е револуционерен чекор со кој МОН им прави голема услуга на сите родители и на децата и, како што рече, веќе немаат трауми да бараат асистенти на секој месец или два и тие да доаѓаат од други работни места.

– Ова е многу добро и за децата зашто асистентите се дефектолози кои завршиле соодветно образование што трае четири години и ќе бидат вработени. Ова е значајно и за другите деца и за нивните родители да се едуцираат, да не стигматизираат и да  прифатат дека и овие се деца како и нивните деца, рече Будимир.

Според новиот Закон за основно обрзование, посебните основни училишта се трансформираат во ресурсни центри и ја прошируваат својата дејност, така што покрај воспотно-образовниот процес, ќе даваат и ресурсни услуги и поддршка на инклузиното образование.

Со измени на Законот за средно образование, исто како и во Законот за основно, ресурните центри ќе треба да вработуваат асистенти и за средните училишта за да се подобри проодноста на учениците од основно во средно образование, а преку програмата Општинско корисна работа и во соработка со УНДП и општините првпат од овој септември во средните училишта ќе бидат воведени образовни асистенти како пилот-проект.

Царовска укажа дека образовните се разликуваат од личните асистенти. Тие работат со деца од прво одделение во училиштата и се ангажираат за совладување на наставата, додека персоналните асистенти им помагаат за движење надвор од училиштата и за социјализација. Потсети и дека за личните асистенти е спуштена од 18 на шест години возрасната граница на лицата корисници.