Ова е најмирната земја во светот за 2025 година: Еве на кое место е Македонија
Нордиската земја Исланд, позната по вулканите и топлите извори, повторно е прогласена за најмирна земја во светот според Глобалниот индекс на мир.
Индексот, кој го објавува Институтот за економија и мир (IEP), рангира 163 независни држави и територии според критериуми како општествена безбедност, опсег на домашни и меѓународни конфликти и степен на милитаризација.
Исланд не само што и оваа година го зазеде првото место на листата, туку е и трет на листата на World Happiness Report меѓу најсреќните земји во светот, а воедно е и едно од најпосакуваните туристички дестинации на северната хемисфера, пренесува Dnevnik.hr.
Од првиот извештај на Глобалниот индекс на мир во 2008 година, просечната оценка на државите се влошила за 5,4 проценти. Јазот меѓу најмирните и најнемирните земји, пак, се зголемил за 11,7 проценти.
Русија годинава за првпат е прогласена за најнемирна земја во светот, а веднаш зад неа е Украина.
Соединетите Американски Држави се најдоа на ниското 128. место – зад Хондурас, Бангладеш и Уганда. Тоа најмногу се припишува на високото ниво на милитаризација, кое ги сместува поблиску до помалку мирниот дел на индексот, заедно со земји како Северна Кореја (149. место), Израел (155.), Украина (162.) и Русија (163.).
Франција е најмилитаризирана земја во западна и централна Европа, додека Јужна Америка е единствениот регион што забележал подобрување во мирољубивоста во најновиот извештај. Најголеми поместувања се забележани во Перу и Аргентина, а Канада и Костарика се најмирни држави во Северна и Централна Америка.
Во подсахарска Африка, најмирни држави се Маврициус, Боцвана и Намибија, јавува CNN.
Хрватска се наоѓа на високо 19. место, што е едно место пониско во споредба со минатата година. Според Глобалниот индекс на мир, Словенија е 9., Унгарија 17., Црна Гора 34., Италија 33., БиХ 59., Србија 64 и Македонија 51. место.

