ОВИЕ СЕКТОРИ ВРАБОТУВААТ НАЈМНОГУ РАБОТНИЦИ – КАКО РАСТЕЛЕ ПЛАТИТЕ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ?
Како во последните пет години се движеле платите во двете гранки во приватниот сектор кои имаат најмногу вработените?
Според податоците на Државниот Завод за статистика во Преработувачката индустрија (во која меѓу другите спаѓа и текстилната индустрија) која брои 133,582 вработени согласно последните податоци од 2023 година и е сектор кој вработува најмногу работници во државата, просечната плата во декември 2019 година изнесувала 23,427 денари. Тие во текот на 2020 година варирале (во некои од месеците имале мал пад, во други растеле), па така во декември 2020 година вработените во овој сектор земале плата во износ од 24,700 денари. Со тоа, за една година платите пораснале за 5,43 % или за 1,273 денари.
Во декември 2021, платата во Преработувачката индустрија изнесувала 26,655 денари. Во споредба со декември 2020 година таа се зголемила 7,91 % или за 1,955 денари. Следниот декември 2022 година, платата во овој сектор се зголемила на 30,894 денари или за 15,9 %, односно 4,239 денари.
Со оглед на тоа дека податоците за декември 2023 година сѐ уште не се излезени, ќе ги користиме тие за месец ноември. Во истиот, платата изнесувала 33,470 денари и пораснала за 8,34 % или за 2,576 денари.
Растот на платите во секторите најмногу се должи на растот на минималната плата. Секогаш кога законски загарантираната плата ќе порасне, работодавачите се должни да прават усогласување врз основа на степенот на работните места во компанијата. Во Преработувачката индустрија минималната плата помогнала да пораснат платите, но не доволно за да им овозможат на работниците пристоен живот.
Втор сектор по бројот на вработени е Трговијата на мало и големо, кој вработува 102,601 вработен. Таму платата во декември 2019 година изнесувала 24,860 денари, додека во декември 2020 – 25,638, со тоа таа за една година се зголемила за 3,13 %, односно за 778 денари. Следниот декември 2021 година, таа бележи позначајно зголемување од 28,742 денари, што изразено во проценти е раст од 12, 11 % или тоа значи дека платата пораснала за 3,104 денари. Во декември 2022 година платата изнесувала 33,590 денари, односно за една година се зголемила за околу 17 % или за 4,848 денари. Следната година – ноември 2023 година, платата во овој сектор изнесувала 35,601 денар, па така забележала зголемување за околу 6 % или за 2,011 денари.
Платите во двата сектори кои вработуваат најмногу вработени континуирано растот, како што споменавме погоре, поради зголемувањето на минималната плата, но и недостигот на квалификувана работна сила.