ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Предлогот работниците да земаат плата до петти во месецот е неоправдан; многу е краток периодот за изготовка на платите“

Сегашните законски обврски за пресметка на плата се сосема реални, бидејќи изготвувањето на платите на вработените за пет дена е навистина многу краток период, вел Трајкоска

Работниците да земаат плата до петти во месецот – е измената во Законот за работни односи која ја подготвува Левица.

Во изјава за порталот „Денар“ од Левица рекле дека платата не доцни само во приватниот сектор, туку дека без плата често пати остануваат и вработените во јавниот сектор и во државните компании. На овој начин, според нив, работникот работи плус денови кои не му се платени во месецот и со неколку такви задоцнувања во текот на една година, месец или два, работникот работел за џабе.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека промената на терминот за исплата на плата од 15 на 5 во месецот, може да доведе до отежнато исплаќање на платата, од причина што би дошло до отежнато исплаќање на платата. Истакнале и дека потребно е боледувањата и другите оправдани и неоправдани отсуства треба да се операционализираат и соодветно да се третираат во однос на исплатата за месецот, а тоа бара подолго време за обработка, па поради тоа намалување на рокот за исплата може да доведе до нејзино отежнување.

Прочитајте повеќе: Работниците да добиваат плата до петти во месецот – Левица подготвува измени на Законот за работни односи

Порталот Работник реши да оди еден чекор понатаму и да побара став од работодавачите по однос на оваа проблематика.

Во изјава за порталот Работник, Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија Владанка Трајкоска вели дека Левица во повеќе наврати излегувала со предлози кои смета дека не биле во целост поткрепени со законски регулативи, ниту пак финансиски оправдани. Според неа, ова било со цел да добијат поголеми симпатии кај народот, истовремено занемарувајќи ги законските одредби.

Владанка Трајковска
Владанка Трајкоска – Претседателка на Организација на работодавачи на Македонија

На момент нивните предлози наликуваат на носење на т.н. локализирани законски одредби, т.е. како овие законски измени да се директно насочени само кон административните работници. Токму тука, сакам да напоменам дека нема ништо спорно во тоа дали платата ќе се исплатува на петти или на петнаесети, бидејќи се исплатува еднаш во месецот, вели Трајкоска,

Моменталната законска обврска, вели Трајкоска, овозможува простор за изготвување на пресметките за исплата на плата, бидејќи рокот кој го предвидува Левица е премногу краток. секој предлог за измена на Законот најпрво треба да се достави до Економско – Социјалниот совет како предлог иницијатива, а потоа доколку добие зелено светло да биде доставен до собраниските работни групи.

Таа смета дека ваквите предлог мерки немаат никаква економска оправданост, туку единствено водат кон закочување и притисок врз компаниите во делот на работењето.

Сегашните законски обврски за пресметка на плата се сосема реални, бидејќи изготвувањето на платите на вработените за пет дена е навистина многу краток период, заклучи Трајкоска.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk