- Advertisement -
МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Одговор на демантот на „Метаморфозис“

209views

Почитувани,

Синдикатите, а во случајот ССНМ е организација на новинари и медиумски работници чија што основна цел е подобрување, промоција и заштита на работните права на нејзините членки. ССНМ не е, ниту некогаш претендирал да биде медиум, па оттаму Ве информираме дека вашиот допис не можеме да го третираме како демант испратен до медиум.

Дополнително ССНМ како организација која штити права на своите членки, не може да објави одговор  кој (согласно член 14, точка 4/3 од Законот за граѓанска одговорност) е во спротивност на со закон заштитените интереси на трети лица, во случајот уставните и законски права на нашата членка – за одбрана од неоправдан отказ.

Исто  така дозволете да Ве информираме дека соопштение на организација која реагира на случај на нејзина членка, не е ниту некогаш претендирало да биде „новинарски извештај“ за во него да се бара “втора страна“.

ССНМ не е суд, ниту е истражен орган, но сепак стапи во контакт и со менаџерот за програми – Медиуми за демократија и едукација за иновации, Горан Ризаов и со директорот за партнерство и развој на ресурси Филип Стојановски, во обид да се разјаснат и надминат недоразбирањата. Затоа што, никому не му е во интерес, а најмалку на синдикатот компании во кои работат нејзини членови да бидат изложени на непријатности и лошо портретирање во јавноста. Во такви ситуации нема победници, сите губат.

Но, премолчувањето и негирањето од Ваша страна на фактот дека ССНМ се обиде да посредува и да ја слушне и „втората страна“ неминовно фрла сомнеж во веродостојноста и на другите податоци кои ги наведувате во Вашиот „демант“.

Почитувани, Ви благодариме на поканата да ги посетиме Вашите канцеларии и да разговараме со кој било вработен за да се увериме во условите во кои работат членовите на Фондацијата вклучително и новинарите, но фактот дека сме Ве контактирале во два наврата и аргументите и доказите кои ги наведувате во дописот воопшто не ни беа презентирани, како и фактот дека сте дозволиле ситуацијата да ескалира до таму да ваша вработена јавно се жали на начинот на кој со неа се постапува – безусловно Ве демантира во обидот да се портретирате како исклучително коректен работодавач особено во конкретниов случај. Притоа ССНМ не навлегува во детали дали „Метаморфозис“ е коректен кон другите свои вработени, напротив, за тоа говори и наградата за медиум промотор на новинарството која организацијата ја доби во 2019. Се работи единствено за конкретна реакција насочена кон нарушувањето на работничките права на нашата членка.

ССНМ бил и ќе биде принципиелен заштитник на правата на своите членови. Доколку сметате дека не сте добиле сатисфакција и правдата е на Ваша страна Ве охрабруваме да ја побарате на суд, вклучително и за навреда и клевета од реакцијата на синдикатот како што имплицирате во Вашиот демант. ССНМ од своето основање до денес доби десетици закани со тужба, притисоци и секаков вид негирања, но остана и ќе остане принципиелен. Немаме намера од тоа да отстапиме. Дека ССНМ се води пред од принципи врз кои што и се базира синдикализмот како што е на пример солидарноста, говори и фактот дека остро реагиравме против нападите врз „Метаморфозис“ и вработените во организацијата од страна на партиски членови и одредени портали.

Бидете уверени дека и денес, како и досега со сите сили ќе се бориме против оние кои незадоволни од гласноста на новинарите тргаат да ги замолчат новинарски организации. Ве уверуваме, впрочем тоа го покажува и досегашното искуство, дека во тоа не сме и нема да бидеме неуспешни, ниту осамени.

Воедно Ве информираме дека ССНМ e членкa на Меѓународната федерација на новинари и на Европската федерација на новинари и во својата работа се води според нивните стандарди на работа и заштита на правата на работникот.