Останато

Одморот на работа е продуктивен: Еве кои се предностите на ПАУЗАТА

Одморот често се претставува како антитеза на успехот. Во културата која често ги глорификува „секојдневната борба“, долгочасовната работа, ручекот на канцелариското биро и недостатокот на време да правиме било што вон работното место, станале значки на честа.

Пораките дека успехот им припаѓа на оние кои се трудат да се исцрпат во потрагата по своите соништа се проповедаат насекаде, од виралните Инстаграм постови во кои се тврди дека „спиењето е за слабите“ до деловните раководители кои се фалат дека работат по 100 часа неделно.

Но излегло дека паузирањето, помалиот обем на работа и одвојувањето на време за одмор всушност можат да ви помогнат да бидете поуспешни – и попродуктивни – на работното место на долг рок.

Одморот има скриени предности

Поминувањето на повеќе време одморајќи се во текот на работниот ден го спречува согорувањето – досегашните истражувања покажуваат дека може да ја поттикне креативноста, да помогне подобро да се концентрирате и да бидете поефикасни на состаноците и задачите.

Одморот е суштинска компонента на доброто и паметно работење, објаснил Алекс Сојанг – Ким Панг, автор на книгата: „Rest: Why You Get More Done When You Work Less“ за Greater Good Magazine.

„Одморот е продуктивен. Продуктивност не е само постигнување на резултати, туку и постигнување најдобри можни резултати, а невозможно е да дадете се‘ од себе ако не сте одморени“, рекол ЛеШан Дејвис, консултант за човечки ресурси, за CNBC Make It.

Луѓето на кои одморот им е приоритет, додал Дејвис, имаат повеќе енергија на работното место, пофокусирани се и поподготвени да се соочат со сите предизвици кои ќе им се појават. 

Тоа е затоа што дури и кога нашиот мозок одмора, тој е и понатаму активен, ангажирајќи ја својата „стандардна мрежа“ за решавање на проблемите, креативно размислување и барање на нови информации, објаснил Пенг.

„Можеби нема целосно да можеме да ги контролираме овие процеси. Но ако научиме подобро да се одмораме, можеме да ги поддржиме и да ги пуштиме да работат“, додал тој.

Како да го вклучите одморот во вашиот распоред?

Иако еднонеделниот одмор или пладневната дремка помеѓу состаноци звучат божанствено, тие не секогаш се можни.

Дејвис препорачува 15 минутна пауза на работа на секои четири часа и пауза од еден час за ручек, доколку е тоа можно.

„Побарајте прилика да внесете забава во својот ден или да извршите мала активност која ви дава радост, било да е тоа одење во прошетка, јавување на пријател или читање глава од книга која ви изнудува возбуда, дури и ако тоа трае 15-20 минути. Тие мали, релаксирачки активности можат многу да придонесат во полнењето на батериите“, предложила Лара Пендерграс, индустриски психолог кој ги советува компаниите од листата на Fourtune 500.

Можете да поставите и мали „цели за одморање“, рекол Дејвис, како што се целосното одјавување до 18 часот секој ден или планирање на попладневните часови без состаноци најмалку еднаш неделно.

На крајот, меѓутоа, за одмор на работа не би требало да се преговара. Што и да треба да направите за да се сметате себеси за одговорни за паузата – било да поставувате потсетник кој се повторува во календарот или да разговарате со менаџерот – е вредно, рекол Дејвис.

„Не постои ништо, ниедна задача, плата, ниеден проект кој е поважен од вас и од вашата благосостојба. Немојте да го компромитирате вашиот одмор и здравиот разум поради работата“, додала Лара.

Извор: BIZLife

Фото: Unsplash

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk