Платен слободен ден за прваче: Кои родители имаат законско право, а кај кого одлучува работодавачот?
Првиот училишен ден е голем момент за секое семејство. Проверете кои родители имаат право на платен слободен ден за да бидат со своето прваче, а каде тоа зависи од одлуката на директорот или работодавачот.
Првиот училишен ден е еден од најемотивните моменти и за децата и за родителите, а за дел од семејствата добра вест е што законот предвидува можност овој ден да го поминат заедно. Според член 28 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, вработените во јавниот сектор имаат право на еден платен слободен ден за првиот ден на училиште на своето дете – прваче.
Ова значи дека родителите кои се опфатени со овој колективен договор можат без работни обврски да бидат покрај своето дете во моментот кога за првпат влегува во училишниот двор, ја слуша првата ѕвонче и го прави својот голем чекор кон ново животно поглавје. Правото важи како утврдена можност за платен одмор и не зависи од дополнителна добра волја на раководството.
Сепак, за приватниот сектор правилата не се исти. Таму слободен ден за прваче не произлегува автоматски од Општиот колективен договор за јавниот сектор, туку најчесто зависи од интерните акти на компанијата, важечки колективен договор или директна одлука на работодавачот. Со други зборови, додека кај јавниот сектор ова е загарантирано право, кај приватните компании најчесто останува прашање на политика и добра практика.
Извор: Кариера

