МакедонијаПравда

Од 69-тата седница: Со уредба се овозможува и приватните болници да хоспитализираат и да укажуваат нега и терапија на болни од КОВИД-19…

Владата ги усвои предлозите - Работник
200views

Владата на Република Северна Македонија на денешната 69-та седница ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, согласно која сега и приватните здравствени установи, во рамките на вршењето на дејноста за интензивна нега и терапија, ќе можат да укажуваат здравствени услуги и за заразната болест коронавирус КОВИД-19 за пациентите примени во установата кај кои во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот Sars-Cov-2 вирус за заразната болест КОВИД-19.

На оваа седница Владата донесе одлука од утре, 17 јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, при што за влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.

Исто така останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Република Северна Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.

Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

На денешната седница Владата го дополни Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, и од утре протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на Република Северна Македонија. Останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.

На оваа седница е донесен и Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување), и тој започнува да важи од понеделник, 22 јуни, оваа година.

Протоколот ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на КОВИД-19.

Владата денеска го утврди и го донесе Протоколот за работа на базените за пливачките клубови во Република Северна Македонија, кој утврдува дека базените се отвораат само за членови на пливачките клубови, а не и за рекреативно пливање.

Владата на Република Северна Македонија денеска даде согласност за преземање на обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетските средства во наредните 2020, 2021 и 2022 година на Министерството за здравство, за Реконструкција, пренамена и адаптација и доградба на ЈЗУ Општа Болница Кичево.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го прифати текстот на Петтиот извештај на Владата на Република Северна Македонија по Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа и го задолжи Министерството за надворешни работи да го достави извештајот до Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа најдоцна до крајот на јуни 2020 година.