ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Оние текстилни фабрики кои нема да земат државна помош, ќе отпуштаат работници

Хелсиншки комитет- Работник
128views

Текстилниот сектор е еден од најпогодените сектори од пандемијата предизвикана од Ковид – 19. Тоа го потвради студијата на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, каде што се наведува дека текстилната индустрија забележува драстичен пад на нарачките во третиот кваратал, а анализите покажале дека новиот пакет мерки, нема да биде корисен за овој сектор.

„Компаниите во септември пријавија пад од неверојатни 50 проценти на нови нарачки што ги стави во недоумица како понатаму да работат и како да се преструктуираат за да останат ликвидни.  Дел од компаниите заради неизвесноста од периодот кој следува, а воедно заради нејасно дефинирана содржина на најавените мерки се одлучија за намалување на бројот на вработени, иако беа свесни дека долгорочно тоа може да влијае негативно на понатамошните активности на компанијата.  И додека вториот и третиот пакет на мерки допре до текстилната гранка и голем дел од загрозените компаниите ги искористија субвенциите за да поделат плати на вработените, според изјавите на компаниите, новите пакет мерки односно Законот за финансиска поддршка на плати речиси воопшто нема да биде корисен за текстилниот сектор“, истакна Наташа Сивевска, извршна директорка на ТТА – Текстилен кластер.

Компаниите кои не ги продолжиле договорите на определно со вработените ќе имаат проблем да добијат финансиска помош

Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на Работодавачи на Македонија вели дека според информациите што ги има од членките од текстилната индустрија, оние компании кои ќе успеат да добијат финансиска помош, од четвртиот сет на мерки, ќе можат да ги задржат вработените и опстанокот на фирмите.

„Проблем ќе се јави кај оние компании кои нема да можат да добијат помош, а нај големиот број од таквите компании не ги продолжиле Договорите на определено време со вработените кои истекувале од крајот на август до почетокот на октомври. За жал овие компании без финансиска помош ќе бидат принудени да отпуштат дел од вработените, а во прашање ќе се стави и нивниот опстанок. Ова затоа што, поголемиот број од нив во октомври, ноември и декември немаат доволно работа и ќе треба да ги држат во работен однос вработените кои ќе седат дома“, рече Димитров. 

Истакна дека можеби Владата треба да размисли, за ваквите компании кои не можеле да добијат финансиска помош, поради смалениот број на работници, а имаат огромен пад на приходите, да предвиди нова помош која би се состоела од субвенционирање на дел од платите на работниците кои не одат на работа. Според неговите зборови, овде би се опфатиле и вработените кои се заболени од вирусот и оние кои се во изолација, но и оние кои поради деловни причини мораат да седат дома.

Управата за јавни приходи на 20 ноември објави дека до тогаш биле одобрени 13,696 барања за финансиска поддршка за исплата на плати за вработени за месец октомври 2020 година а на 11,954 работодавачи е исплатената финансиската поддршка.

Бобан Илијевски

Advertisement