МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Општиот колективниот договор е штетен, работниците да не дозволат ССМ да го потпише

   Време за читање 3 минути

Ние како Синдикат за транспорт и врски при Конфедерација на слободни синдикати (КСС) покрај Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, сме директни учесници во преговорите за изработка на новиот Општ колективен договор (ОКД).

По тој повод на ден 10.07.2023 година се одржа Економско-социјален совет во Владата каде разговаравме со економските министри на темата Усогласување ( Покачување ) на платите, и висината на регресот за годишен одмор  – К15.

На советот беше договорено :
10 % покачување на платите од септември 2023 година
 Во 2024 година  – да нема никакво усогласување – покачување  на платите,
Во 2025 година  покачување во висина од минимални  2 до 4% (според проекциите на Владата).

Висината на регресот за годишен одмор К – 15 да изнесува САМО 30 % од просечната плата (а не како досегашните услови предвидени со Колективните договори –  МИНИМУМ 40% до 100 %  во зависност од област ).
 
Сметаме дека постигнатиот договор помеѓу Владата и ССМ  за покачувањето на платите од  САМО 10%  е на штета на работникот – од причина што 10 % покачување се минимални со оглед на тоа што трошоците на живот во 2022 година согласно Заводот за статистика, се покачени за 14, 2 %. Следствено на тоа толку треба да биде и покачувањето на платите .

Дополнително сакаме да укажеме и на штетата која ќе му се направи на работникот, со фактот што од страна на ССМ е прифатено и договорено со Владата, ДА НЕМА НИКАКВИ УСОГЛАСУВАЊА – ПОКАЧУВАЊА во 2024 година.

На состанокот со Владата бевме присутни сите ние кои горе Ви ги посочивме – Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)  и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, НО штетниот предлог на Владата беше прифатен само од претседателот на ССМ.
Ова во јавноста не беше презентирано од јасни причини – да не се создаде незадоволство кај работниците, и се даде акцент само на “историскиот успех”  – покачувањето од 10 % .
 
Должни сме како заштитници на правата на работникот, да Ве известиме за оваа ситуација и за ова штетно по работниците прифаќање на лоши услови од страна на раководството на ССМ, и воедно да ве увериме дека нашите настојувања за праведна заштита на правата и обврските на сите работници ќе продолжат и понатаму, секогаш во служба и на страната на работникот.

Ве повикуваме во рамките на своите овластувања секој да даде свој допринос во смисол на влијание врз раководството на ССМ, да не се потпишува Општиот колективен договор (ОКД) под овие услови, кои се штетни за работникот, а со неговото потпишување одредбите иако штетни ќе произведуваат правно дејствие.

Во прилог ви го доставуваме Известувањето кое КСС го достави вчера до министерот за финансии Фатмир Бесими, по чие примање од негова страна,  веднаш  ни е закажана средба, за изнаоѓање на заедничко решение кое ќе биде во полза на работникот.