НовостиСветот на работникот

Отворени се огласи за вработувања во јавната администрација

39views

Отворени се огласи за 119 вработувања во јавната администрација, претежно во локалната и централната власт. Според огласите објавени преку Агенцијата за администрација, најмногу работници бараат општините, вкупно 46. Предводник е општина Струга, со дури 24 отворени работни места. Платата во Општина Струга, зависно од позицијата, започнува од 15.500, а достигнува дури до 40.000 денари, што всушност претставува и највисока плата од сите активни огласи во јавниот сектор во моментов.

Освен Струга, огласи за вработување објавиле уште девет други општини.

Вработува и централната власт и нејзините институции, кои објавиле огласи за 28 работни позиции. Најмногу, дури 15 лица, вработува Управата за водење матични книги.

Огласи за работа објавиле и неколку јавни претпријатија, каде предводник е ЈП Железничка инфраструктура. Ова претпријатие вработува 15 лица за плата од 19.000 до 27.400 денари.

Огласи има и во образованието и во здравството. Се вработуваат 23 лица, но не се бара наставнички или здравствен кадар, туку сите огласи се однесуваат на работни позиции во администрација.

Од друга страна, денеска во Собраниска процедура влегоа измените од Законот за работни односи, според кој се предвидува задолжително пензионирање во јавниот сектор на 64 години. Тоа треба да претставува прв посериозен чекор во реформирање на администрацијата. А, властите очекуваат дека законските измени ќе создадат услови да се намали бројот на вработени во јавниот сектор и конечно да се создаде поефикасна администрација.