„ОТВОРЕН БАЛКАН“ И НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНИЦИ ГИ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ТВРДИ БИЗНИС СЕКТОРОТ
Пополни го формуларот електронски и можеш да аплицираш за работа во Србија, Македонија и Албанија. „Отворен Балкан“ пред неколку дена овозможи поедноставен пристап до пазарот на труд во трите земји. Од нив, економски гледано, најдобра е Србија, најслаба Албанија, но според македонскиот бизнис сектор сите три земји не се нешто посебно развиени, па затоа сѐ уште голема „закана“ за земање на македонски работници се државите од Европската унија.
Иако веќе се актуелни, со последната новост во рамките на „Отворен Балкан“, повторно во центарот на вниманието се прашањата: Дали „Отворен Балкан“ ги принуди македонските компании да ги зголемат платите? Колку како економија сме привлечни за работниците од Србија и Албанија? И колкав бенефит ќе имаме од целиот процес?
Нашиот соговорник, Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека без разлика дали некоја од трите земји ќе добие или ќе изгуби, „Отворен Балкан“ е цивилизациско достигнување за граѓаните на овие држави.
„Слободното движење и вработување во било која земја од Европа е и едно од основните права и слободи кое го имаат граѓаните на Европската унија“, рече Димитров.
Во однос на тоа дали ќе влијае на зголемувањето на платите, според Димитров компаниите се принудени да ги зголемуваат платите, не само поради „Отворен Балкан“, туку и поради недостигот на квалификувани работници.
„Просечната плата во државата во 2023 година изнесува 36.614 денари и во однос на просечната плата во 2022 која изнесуваше 31.859 денари е зголемена за 14.92%. Ова е поголемо зголемување од растот на трошоците на живот кој во овој период бил 9,4%, што значи дека имаме реален раст на платите од 5,5%“, истакна Димитров.
Додаде дека друго е прашањето дали овој раст е проследен со растот на продуктивноста, потенцирајќи дека доколку тоа не е така ќе имаме проблем со понатамошно намалување на инфлацијата.
Прашан за тоа колку ќе бидеме привлечни за работниците од Албанија и Србија, соговорникот рече дека не верува оти ќе бидеме интересни за работниците на Србија, но Албанците ќе доаѓаат да работат кај нас.
„Во изминатите години имавме вработување на сезонски работници од Албанија во земјоделието и градежништвото, за жал поголемиот број од нив во земјата влегуваа како туристи и немаа легални Договори за работа. Со „Отворен Балкан“ и се овозможува на брз им едноставен начин да добијат дозвола за престој и да склучат легален Договор за вработување“, посочи Димитров.
Сметам дека економскиот бенефит нема да биде многу голем, затоа што трите држави се наоѓаат на слично ниво на економски раст, но политичкиот ефект за граѓаните ќе биде значителен.
За нас многу по голем проблем е иселувањето на младите во земји членки на Европската унија и затоа треба да ги подобриме условите за стопанисување во земјата за да овозможиме поголем економски раст, кој ќе биде основа за подобар животен стандард овде во земјава.