Панел дискусија: Развивање на работните места од иднината

КОВИД пандемијата изврши притисок врз пазарот на труд во Северна Македонија. Невработеноста не забележа значајно зголемување, бидејќи реакцијата на работодавачите беше главно во насока на платени отсуства од работа и намалување на обемот на работните часови, а работата од дома беше искористена како опција во дејностите со таква можност. Со големите промени кои се случија на пазарот на труд – од начинот на работа, се до пристапот на компаниите, многу од работодавците се соочени со нови предизвици кои можат да бидат пресудни за тоа дали нивните компании ќе опстанат на пазарот – да се привикнат на „новото нормално“ или да ризикуваат да изгубат чекор со индустриските трендови.

Вака Филозофскиот Факултет – Скопје ја најавува денешната панел дискусија организирана во соработка со IT Labs, како дел од Re:Imagine People Management сесиите.

Како ќе изгледа работењето во иднина? Што ќе се смени? Што ќе остане исто?, се само дел од прашањата на кои учесниците ќе се обидат да ги одговорат. Посебно внимание ќе биде посветено и на тоа што им недостасува на компаниите да се подготват за „новата ера“, како да се создаде стимулативна работна средина и дали „добросостојба на вработениот“ е нешто што е исто за сите индустрии или се разликува.

Сесијата ќе ја отвори деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, а модератор е Софија Георгиевска, раководител на Центар за менаџмент на човекови ресурси. Панелисти ќе бидат Фросина Зафировска, директор на оддел за човечки ресурси во IT Labs, Билјана Блажевска Стоилковска, професор на Филозофски факултет, Дејан Ваневски, менаџер за стратешки развој на бизнис во Thrivity, Васка Ѓорчевска Заевска, заменик директор во Витек Македонија, Стефан Јовановски, Раководител на одделот за човечки ресурси, А1 Македонија, Дејан Маџоски, директор за човечки ресурси во НЛБ Банка и Ставрос Георгакопулос, директор за човечки ресурси во Македонски Телеком.

Филозофскиот факултет најавува дека во рамки на Re:Imagine People Management сесиите, покрај панел дискусијата, ќе бидат одржани и три предавања „Кариерен Развој – Процес, алатки и улоги“ од Никита Попова, специјалист за човечки ресурси, IT Labs,  „Како до успешен процес на регрутација?“ од Елена Милеска Дворчанец, регрутер, IT Labs и „Грижа за добросостојба на вработените: Системски пристап“ – од Фросина Зафировска, директор на оддел за човечки ресурси, IT.