ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

ПАРИ ОТКРИВА: КОЛКАВИ ПЛАТИ ЗЕМААТ ТРГОВЦИТЕ СО СТРУЈА

   Време за читање 3 минути

Трговијата со струја е профитабилен бизнис, во кој платите се далеку натпросечни, но таму обично има по еден или по неколку вработени, на кои покрај платите им остануваат и нето-профитите.

Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, истражуваше кои трговски фирми со струја земаат најголеми плати. Податоците покажуваат дека најголемата месечна нето-плата минатата година била околу 5.000 евра.

На крајот од 2021 година, кога цената на електричната енергија експлодира, дел од трговските фирми со струја еднострано почнаа да им ги откажуваат договорите на компаниите, затоа што тие не можеа да набават струја по цена ни приближно иста од договорената. Во недостиг на електрична енергија, кога се нарушија купопродажните односи, државната МЕПСО без најава повлече струја од европската електрична мрежа, со што направи милионски долг. Револтирани од Владата излегоа и со изјава дека трговците ќе мора да го платат долгот што непредвидено го направи МЕПСО. Но, потоа долговите се крпеа со помош од Владата.

Петте трговски фирми што минатата година успеаја да заработат најголеми плати имаат раст на платите во однос на 2021 година, четири од нив имаат раст на приходот и три имаат раст на добивката.

ТОП 5 трговски фирми со струја по плати во 2022 година

(евра)

Tabela 1 Energetika Plati

Најголема месечна нето-плата минатата година земал единствениот вработен во Данске Комодитис ДООЕЛ – Скопје. Неговата плата е околу 5.000 евра, а лани компанијата направила приход од над 320.000 евра, што ѝ донело добивка од над 8.200 евра.

Данске Комодитис е создадена во 2004 година кога еден млад дански банкар и претприемач видел потенцијал во зближувањето на поделените национални енергетски пазари преку меѓународната трговија. По успешната траекторија на раст, компанијата беше купена од енергетскиот гигант Equinor во 2019 година. Компанијата тргува со електрична енергија, со гас и со сертификати.

ЕТМТ Енерџи, како што пишуваше Пари, е трета по приход енергетска компанија и е во сопственост на компанијата Енер Трејд од Албанија. Таа лани направила над 215 милиони евра приход и добивка од 15 милиони евра. И овде има еден вработен, со плата од околу 4.000 евра, односно 265.123 денари месечен нето-приход.

Лиценцираниот трговец Енерџи Фајненсинг Тим ДООЕЛ – Скопје има еден вработен, со месечна нето-плата од 151.925 денари. Ланскиот приход е речиси 100 милиони евра, а добивката е околу 880.000 евра.

Во У-Повер ДООЕЛ – Скопје има 6 вработени со просечна плата по 102.064 денари. Компанијата лани не остварила добивка, а имала приход од околу 375.000 евра. У-повер на крајот од 2021 година еднострано го раскина договорот на повеќе свои корисници, меѓу кои и на Царината и на Град Скопје.

ГЕН-И Продажба на енергија ДООЕЛ – Скопје е уште една компанија, како и ЕТМТ Енерџи, што ја споменавме во ТОП 5 енергетски компании по приход. Ова компанија е на второто место по приход и е веднаш зад ЕВН Хоме, кој е универзален снабдувач со струја и ги снабдува домаќинствата и фирмите и институциите што се на регулираниот пазар. Така, ГЕН-И практично е најголемиот трговец со струја на отворениот пазар. Неговите минатогодишни приходи биле 330 милиони евра, но добивката била „само“ 360.000 евра. Компанијата има тројца вработени со просечна нето-плата од по 98.391 денар.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-otkriva-kolkavi-plati-zemaat-trgovskite-firmi-so-struja/

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *