Петковски: Уште од јануари алармиравме дека ќе се смени начинот на живот како што го познаваме
Фејсбук статус на м-р Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР:
Короната и заштитата при работа
Ако нешто треба да извлечеме како поука во време на светската пандемија е тоа дека никој нема престава како да се справи со ваква светска закана. Ако на ова ја додадам мојата професионална диоптрија, заштитата при работа, слободно можам да заклучам дека многу малку имаме напреднато во борбата за безбедност и здравје на работното место во споредба со средновековието. И пред да ме ставите на ломача и да викнете еретик, дозволете ми да објаснам зошто.
Имено, уште некаде таму кон крајот на јануари и почетокот на февруари со неколку колеги алармиравме на цунамито кое надоаѓа и се заканува дека ќе го збрише начинот на живот кој го познаваме. Изготвивме презентации, креиравме водилки, на крајот се понудивме како луѓе стручни во областа која ќе спаси многумина, но тоа што го добивме назад е една огромна тишина.
Како што со брзина на компјутерски вирус се распространуваше биолошката закана, така се повеќе гледавме во живо, преноси и лелеци на луѓе во поширокото наше европско соседство, како не се справуваат со тоа како големиот жнеач замавнуваше по снопјето од луѓе, кои веднаш ги претвораше во апстрактни бројчиња од светската статистика на загубени души од КОВИД-19.
Нашите исплашени од непознатото, во ритамот на маалската игра „како првиот, така вториот“, ги копираа мерките кои ги превземаа нашите непосредни соседи. Ме потсетија на ученичиња на кои им е даден тест по математика, а тие со ненаучена лекција, почнаа да се шушкаат меѓу себе, ставајќи ја фацата на лажна сигурност, го бараат тој/таа што ја знае задачката, за час поскоро, пожртвувано и смело да се фрлат кон препишување. Не е битно што ова не е тестот по математика, не е битно што имаш луѓе кои ја владеат материјата и знаат што треба да биде направено… важно е да се задржи маската која треба на другите да им влее доверба дека ја имаме под контрола ситуацијата.
Од првиот ден зборувам дека лична заштитна опрема е последната алка во пирамидата на превентивни дејствија со кои треба да се заштитиме од штетноста. Ниту оние измислени медицински зашитни маски ја вршат работата, ниту ракавиците за еднократна употреба ги штитат здравствените работници. Како што медицината самата по себе е наука која со сплет на постапки и знаење има света задача да го врати здравјето на болниот, така и заштитата при работа е наука која со сет на мерки, базирани на научни принципи и искуство, потребно е да оневозможи здравјето на индивидуата да биде нарушено. Со исклучок на неколку фирми, останатите се оставени во океанот на незнаење да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Но, како што почнав на почетокот, многу е полесно на генералното население да им се обраќаат медиумските зависници и сезнајковци и да зборуваат за сите теми за кои прочитале на интернет, отколку да се повикаат вистинските заштитари и да се консултираат за единствената тема за која се стручни – заштитата при работа.
Нашата зла судбина (зборувам за заштитата при работа) е јавноста да зборува за неа единствено кога ќе се случат несреќите. Заштита при работа има единствено смисла кога за неа се зборува и по неа се делува пред да се случат несреќите. Откако истите ќе се случат, тогаш зборуваме за статистика.

