НовостиСветот на работникот

Пет работи кои никогаш не треба да му ги кажете на шефот

   Време за читање 4 минути

Негувањето на добри односи со шефот е тежок императив за секој вработен, но работниците имаат повеќе моќ отколку што мислат за да ја стекнат наклоноста на својот шеф.

Американскиот бизнис портал Business Insider во разговор со тренери за кариера, експерти за труд и самите шефови утврдил фрази кои вработените би требало да ги избегнуваат во комуникацијата со надредените.

„Тоа не е моја работа“

Основачката и директорка на агенцијата Inspiration Careers Перика Агарвал напоменала дека особено фрустрирачка фраза за менаџерите е: „Тоа не моја работа“. Како причина зошто е тоа така истакнала дека вработениот преку таа фраза сугерира недостиг на флексибилност и неподготвеност да придонесе за колективот.

Советничката во компанијата Career Success, Алвина Милер рекла дека шефовите ги ценат вработените кои се подготвени да одат подалеку од своите дефинирани улоги кога ситуацијата тоа го изискува.

Тенка е линијата помеѓу работа според плата и да се биде доверлив тимски играч. Експертите сугерираат дека од шефот треба да побарате да ви објасни зошто изискува од вас да ја завршите таа работа, а не да му одговорите со споменатата фраза. Агарвал истакнала дека вработените би требало да се фокусираат на тоа како можат да помогнат или предложат некој кој би можел да биде посоодветен за одредената работна задача.

„Така отсекогаш сме работеле“

Рутината можеби е комфорна, но вработените кои им пружаат отпор на промените би можеле да имаат незгоден однос со шефот. Основачот и директор на компанијата BeamJobs, Стивен Грит потсетил дека сите индустрии прифаќаат промени за да останат конкурентни. Тие промени се однесуваат и на работното опкружување.

„Менаџерите бараат работници кои се подготвени да ги предизвикаат конвенционалните уверувања, поздравуваат свежи идеи и никогаш не престануваат да бараат начини за работниот процес да тече“, констатирал Грит.

Основачот на компанијата Work Remote Now, Алан Ву навел дека вработените кои се повикуваат на стариот начин на работа често тоа го прават како изговор за да продолжат да работат неефикасно.

„Не знам“

Агравал нагласила дека сосема е во ред вработените да немаат одговори на секое прашање, но дека после секој одговор „не знам“ треба да следи „ќе дознаам“. Имено, како што објаснила, одговорот „не знам“ покажува недостиг на иницијатива и вештини за решавање на проблеми. Значи, се покажува недостиг од посакувани работни особини.

„Информациите се многу важни, а денеска обично тешко е да ги пронајдеш. Ако нешто не знаеш, дознај. Тоа е толку едноставно“, посочил директорот на компанијата The New Workforce, Крег Климан.

„Никогаш не ми го кажале тоа“

Основачот на компанијата Wyoming Trust, Марк Пирс укажал дека на шефовите им е тешко да поднесат кога вработените во своја одбрана ќе кажат дека нешто не им е речено.

„Понекогаш на вработените можеби нешто не им е речено, но ако тоа стане образец на однесување, тогаш може да стане голем извор на незадоволство од страна на менаџерот“, предупредил Пирс.

Напоменал дека со овој одговор може да сугерира дека се обидува да се избегне одговорност. Освен тоа, префрлањето на вината на друг ја ускратува приликата за учење и усовршување.

„Не можам“

Климан предупредил дека било која реченица која започнува со „не можам“ може да биде предизвикувач на незадоволство кај шефот. Милер истакнала дека тоа се однесува и на вработените кои велат дека не можат да работат со одреден колега.

„Отвореното одбивање на соработката може да се смета за непрофесионално. Подобро е да се решаваат проблемите“, сугерирала Милер.

Наместо одговорот „не можам“, прифатливо е на шефот да му се предложи алтернативи и решенија, пишува Business Insider.

Фото: Depositphotos/zeffss

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера