Платете ги доволно за да имаат достоинствен живот и да не бараат втора работа, им порача Златановска – Попова на компаниите
Живееме во ера во која компаниите немаат конкуренција само во Македонија, туку и глобално.
Со оглед на тоа дека сѐ повеќе луѓе, особено оние од поновите генерации, работат преку дигиталните платформи кои им овозможуваат соработка со компании и поединци од целиот свет, сосема е логична тезата дека конкуренција на македонските компании им се токму дигиталните платформи.
Катерина Златановска – Попова, Советник за кариерен развој и тренер за меки вештини, во изјава за РАБОТНИК вели дека интересот кај младите да работат преку дигиталните платформи постојано расте низ годините.
Јас познавам средношколци кои имаат специфични вештини и знаења и кои успешно ги пласираат своите услуги за клиенти во странство. Дигиталните платформи им го овозможуваат на младите комфорот да живеат тука (опкружени со семејството, пријателите, забавата и сл.), да работат на проекти кои ги интересираат (со јасен почеток и крај, она што е одлика на новите млади генерации) и воедно да заработуваат според вложениот труд и да бидат независни, рече Златановска – Попова.
Според Златановска – Попова, можноста преку дигиталните платформи да се работи со флексибилни работни часови, истите ги прави уште попривлечни за младите.
Нашата соговорничка ги советува компаниите да ги платат подобро вработените, за да можат да живеат пристоен живот и да создадат услови во кои тие ќе се чувствуваат цените.
„Најдобрата рецепта“ што би можела да им ја дадам на сопствените на нашите компании е: платете ги доволно за да не мора да работат и втора работа, за да обезбедат пристоен живот. Покажете им дека се почитувани и ценети, обезбедете можности за професионален развој и напредување во рамки на нивните интереси, овозможете им да ги искажат своите мислења, слушајте ги и прифаќајте ги нивните предлози за подобрувања во работењето, овозможете им менторство и обука во првите 6 месеци од вработувањето. Е сега, компаниите се на потег, рече Златановска Попова.
Секој има свои потреби и мотиватори, вели Златановска – Попова, додавајќи дека за едни е важно да имаат сигурна и редовна плата, а за други да имаат слобода и избор при одлучувањето за кого ќе работат, колку и кога.
Работа има, потреба од добри и посветени работници сѐ повеќе, компаниите едноставно ќе треба да бидат подготвени да понудат доволно атрактивен севкупен пакет, за да ги привлечат вистинските луѓе и да ги донесат меѓу своите редови.
Инаку, според истражувањето кое неодамна го спроведе компанијата за дигитални плаќања „Payoneer“, 33 % од македонските испитаници се изјасниле дека работат исклучително како фриленсери. Други податоци пак велат дека секој 1,000 вработен во Македонија е фриленсер.