Платите нема да бидат доволни да се преживее ниту во 2023 година

Автор: Бобан Илијевски

2022 година замина не оставајќи зад себе некаков голем напредок во полето на работните односи.

Да видиме каква ќе биде 2023 година.

Размислувајќи за тоа со каква колумна да ја започнам оваа година, решив да направам една моја прогноза за седум суб-области кои се дел од областа на работните односи.

  1. Плати

Во 2023 година очекувам да продолжи оној маѓепсан круг којшто се врти веќе со години. Работниците ќе продолжат да бараат поголеми плати, но работодавачите ќе продолжат да велат дека продуктивноста е многу мала и дека сѐ уште не е време да има некое поголемо зголемување на платите.

Во март ќе треба да се усогласи минималната плата и според кажувањата на надлежните ќе треба да се зголеми на 19,600 денари. Најголемиот дел од работодавачите на ова зголемување нема да имаат некоја особена реакција, но ќе има и такви коишто ќе се жалат, а ќе има и такви коишто нема да ја исплаќаат, но тие ќе бидат во помал број.

Се повеќе работодавачи се освестуваат и сфаќаат дека со тоа што не им исплаќаат плати на работниците, само ги губат, но има мал дел на кои потешко им оди да го разберат тоа. Сепак, ќе дојде време кога и тие ќе „легнат на брашно“.

Инаку, не очекувам некој голем бум на платите, освен можеби во големите компании кои и претходно ги зголемуваа поради инфлацијата.

  1. Новиот Закон за работните односи

Новиот Закон за работните односи се подготвува долго време. Чинам дека уште од 2018, можеби и од претходно. Не ме држете за збор. Се работи толку време и сѐ уште не е готов. Во врска со него имаше низа на несогласувања коишто делумно се надминаа. Мои извори од синдикатите велат дека одредбите од Законот коишто се однесуваат на синдикалното делување се направени по мерка на работодавачите, наместо на синдикатите, што е и логично.

Законот би требало да се донесе оваа година, но колку истиот ќе биде од полза на работниците, односно колкав баланс ќе понуди во работните односи, останува да видиме.

Верувам дека има уште многу работи да се кажат за Предлог Законот за работните односи, но истите ќе треба да ги каже стручната фела, односно правниците.

  1. Работничките права во 2023 година

Прекршувањата на работничките права нема да се сведат на минимум се додека не се сменат ставовите за нивното сфаќање и не се работи на балансирање на односот работник – работодавач. Наклонетоста кон една или друга страна нема никогаш да доведе до подобрување на состојбата. Ова на сите им е јасно, но се прават како да не им е.

Индексот за глобални права на Светската конфедерација на синдикати за 2022 година покажа дека Македонија е земја којашто спаѓа во делот на земји каде регуларно се прекршуваат работничките права, што е едно ниво под земјите каде системски се прекршуваат правата и две нивоа под земјите каде што нема гаранција за почитување на работничките права.

Земајќи ги во предвид причините за кои ќе зборувам подолу во ова писание, сметам дека во 2023 година, па и во годините коишто доаѓаат, работите ќе тргнат кон подобро. Прекршувања на работничките права ќе има, но ќе бидат со намален интензитет.

  1. Недостигот на работна сила како предност на работниците пред работодавачите во одредувањето на работните услови

Ова е една од причините поради кои сметам дека ќе има намалување на прекршувањата на работничките права во 2023 година, но и во следните години. Недостигот на работна сила станува толку хроничен, што сега работниците се оние кои им велат на работодавачите: „Ако не ми ги обезбедиш овие и овие услови, најди си друг работник“. Поради ова, работодавачите нема да имаат друг избор освен да им го овозможат тоа што го бараат и што секако им следува: солидна плата, сигурно работно место, социјално осигурување итн.

Недостигот на работна сила ги тера работодавачите уште повеќе да се натпреваруваат меѓу себе во тоа кој ќе ги добие талентираните работници, што е уште една причина поради која ќе бидат принудени да им обезбедат добри работни услови на идните работници.

Исто така, ќе треба да им ги подобрат и условите на оние коишто веќе работат кај нив, се разбира, ако сакаат да ги задржат.

  1. Флуктуација на работната сила

Иселувањето од Македонија ќе продолжи и понатаму, но ќе продолжи и флуктуацијата на работната сила од секторите каде што има помали плати и понесигурни работни услови, во сектори каде што се тие поголеми, а работните услови се подобри, односно посигурни.

Ова самото по себе значи дека секторите коишто даваат помали плати ќе претрпат поголема загуба на работна сила. За да ги задржат, според мене, ќе треба да им понудат одредени пакети на бенефити (пензиски планови, бесплатна храна, начини за релаксирање за време на паузите итн.) кои ќе ги мотивираат да останат.

Мислам дека оваа година ќе се зголеми и бројот на работници кои ќе се преквалификуваат или доквалификуваат за да се вработат во сектор којшто нуди поголеми плати и подобри работни услови.

  1. Талентираните млади луѓе од Македонија како потенцијални кандидати за работа во странски компании

Тренд којшто ќе биде многу застапен во 2023 година, како што предвидуваат западните економски експерти, е работата за глобални компании. На пример, македонските работници коишто имаат соодветни компетенции, преку работата на далечина, (ќе) можат да работат за компании во Велика Британија, Франција, САД…

Работата на далечина стана актуелна за време на пандемијата, а тоа го искористија голем дел од светските компании за кои веќе работат работници од целиот свет.

Западните економски експерти велат дека работата на далечина создаде „базен на талентирани работници“ кои имаат пристап до компании за кои до пред неколку години било тешко да работат, од една страна, додека од друга, на компаниите, особено оние коишто нудат големи плати и одлични работни услови, работата на далечина им овозможи пристап до огромен број на таленти.

Верувам дека многу млади луѓе од Македонија ќе ја искористат шансата преку работата на далечина да работат за некоја светски позната компанија.

  1. Укинување на работното време „9-17“ во Македонија?

Неодамна, деловната социјална мрежа LinkedIn имаше објавено еден текст каде што се предвидуваа новите трендови кои би се случиле на пазарот на труд во 2023 година. Еден од нив е и укинувањето на работното време од „девет до пет“ и воведување на асинхрона работа.

Што подразбира таа?

Луѓето ќе можат да работат во периодите од денот кога се најмногу продуктивни, а со тоа поголем акцент ќе се стави на продуктивноста, односно колку сработиле, наместо на тоа колку време поминале на работа.

Во западните држави овој тренд може да се случи, но во Македонија сѐ уште е рано да се зборува за негово воведување. Треба уште да работиме на унапредување на работната култура и работните процеси за да бидеме подготвени да го имплементираме овој тренд во нашата работна пракса.