ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Повеќето од вработените во Македонија во 2020 година работеле од 21 од 40 работни часа

Бобан Илијевски

Редакцијата на порталот „Работник“ користејќи ја базата на податоци на Државниот завод за статистика истражи за тоа колку изнесувал бројот на вработени, според образованието, полот возрасна група, како и колку часа им било работното време, фокусирајќи се на оние коишто работеле од 21 до 40 часа и 40 часа и повеќе. Истражувањето вклучува лица на возраст од 25 до 64 години.

Податоците на дата базата на ДЗС покажуваат дека во 2020 година вкупно 307,763 лица работеле од 21 до 40 часа неделно, притоа сите биле со 3 или 4 години средно образование. Од нив, 115,558 биле жени, а 192,204 биле мажи.

Бројката на вработени со 3 или 4 години средно образование, кои работеле на 40 часовно работно време и повеќе е помала и вкупно изнесува 79,607 лица. Од нив 50,924 се мажи, додека 28,683 се жени.  

Според податоците може да се заклучи дека повеќе вработени биле на  работно време од 21 до 40 работни часови, отколку на 40 и повеќе работни часови.

Жените со високо образование повеќе работат од 21 до 40 часа од мажите

Што се однесува до вработените лица на возраст од 25 до 64 години, кои имаат завршено високо образование, во 2020 година имало 187,221 лица кои работеле на работно време од 21 до 40 работни часови. Од нив 100,682 биле жени, а 85,539 биле мажи.

На работно време од 40 и повеќе часа во 2020 година, со високо образование вкупно работеле 12,862 лица. Од нив 4,092 биле жени, а 8,770 биле мажи.

Статистиката покажува дека и лицата со средно образование и со високо повеќе работат од 21 до 40 часа, отколку повеќе од 40 часа.

Европскиот завод за статистика „Евростат“ покажува дека најдолги работни часови имаат балканските држави, а Македонија е меѓу првите на листата, со што е една од државите во којашто најмногу се работи во Европа. Во Македонија во 2020 година, според Евростат, се работело 39,6 часа неделно, што е приближно до 40 часа.

Во 2020 година, според податоците на ДЗС имало 794,909 вработени лица во Македонија. 

Фото: Freepik