ЕкономијаМакедонија

Струга го продолжува работното време – локалите за време на викендите и организираните јавни манифестации ќе работат до 2 часот по полноќ

Угостителските објекти во Струга ќе можат да работат подолго од вообичаеното во текот на летната сезона, откако Советот на Општината донесе одлука за продолжување на работното време за време на туристички, културни и други јавни настани.

Според одлуката, локалите за време на викендите и организираните јавни манифестации ќе работат до 2 часот по полноќ, односно еден час подолго од законски утврденото работно време.

Дополнително, по повод претстојниот продолжен празничен викенд, на 1, 2 и 3 август угостителските објекти ќе можат да бидат отворени до 3 часот по полноќ, што претставува продолжување на работното време за два часа.

Од Општина Струга информираат дека продолжувањето на работното време ќе важи и на повеќе датуми во текот на годината, кога се организираат културни, туристички и јавни манифестации. Меѓу нив се 26, 27 и 28 јули, 5, 6, 7, 9, 13, 14, 15, 26, 28 и 29 август, 8 и 28 септември, 11 и 23 октомври, 1, 8 и 22 ноември, како и 21 и 25 декември 2026 година.

Од локалната самоуправа посочуваат дека мерката има за цел да придонесе за поуспешна туристичка сезона, да ја поддржи работата на угостителскиот сектор и локалната економија, како и да овозможи непречена организација на бројните настани што се одржуваат во Струга во текот на годината.