- Advertisement -
КолумниНовости

Повторувањето, велат е мајка на знаењето, но очигледно кај нас е мајка на игнорирањето

Бобан Илијевски - Работник
223views

Многупати досега сум пишувал за ситуацијата во којашто се наоаѓа работничката класа во Македонија од нејзината незисност и пропаѓањето на огромните фабрики во кои биле вработени дестици илјадници луѓе, меѓу кои беше и мојот татко. Тој постојано ми зборува за таа, според него, „златна ера“ кога земале аванси и плати, кога патувале низ Европа со југословенскиот пасош кој бил признаен на светско нив, кога цените биле ниски, а платите високи. Ми кажуваше дека шеќерот некаде околу дваесет денари и дека со титовката пет – илјадарка полнеле корпи и корпи со намирници, за да на крајот не потрошат ни половина од таа илјадарка. Јас знам често да му речам дека тоа време е веќе завршено и дека повеќе не може да биде како што било додека била СФРЈ и другарот Тито, како што го нарекуваат. 

Македонија има огромен потенцијал да стане економски силна држава со функционален правосуден систем и ниска корупција, најмногу поради тоа што е мала држава, па може полесно да се контролираат сите текови. За да се случи ова, потребна е политичка волја која никаде ја нема. Во Македонија има волја само за лажни ветувања, партиски и роднински вработувања, стекнување на политички поени на грбот на народот (најсвеж пример за ова е законското решение од петтиот пакет мерки за исплата на плати на работниците кое едвај се донесе)… Има за се волја, освен за носење на политики коишто ќе бидат во корист на народот.

Advertisement

Најголем дел од нас сме патриоти. Сакаме Македонија да има просперитетна иднина и да ја видиме под плаштот на знамето со 12-те златни ѕвезди, Европската унија, каде што и припаѓа. Сегашната ситуација покажува дека сме далеку од овие 12 ѕвезди, а и патриотизмот нема да ги нарани семејствата, па луѓето се принудени да заминуваат. Останува само да се надеваме и да бидеме оптимисти дека еден ден Македонија ќе биде држава со стабилен политички систем, економски развиена и технолошки напредна и дека луѓето ќе сакаат да останат тука и да ги искоритат своите таленти, знаења и вештини за да придонесат за државата. Голем дел од бизнисмените велат дека луѓето тука ги стекнуваат вештините, но ги искористуваат надвор од државата. Без сурова реформа на трудовиот систем, тоа ќе остане така. Има многу студии кои покажуваат дека одливот на мозоци, односно на квалификуваните кадри од Македонија ќе продолжи, а можно е и да се зголеми неговиот интензитет. Пред пандемијата ги гледавме оние слики на насобрани луѓе пред амбасади коишто чекаа да аплицираат за работна виза и истите беа непријатни. Доколку не се подобри ситуацијата, овие слики ќе продложат повторно да се прикажуваат, тоа е несомнено.

Свесен сум дека веќе станав досаден и дека се вртам околу иста работа честопати, но ставот мој е дека тезите и аргументите истакнати тука треба често да се третираат и да се прикажуваат на јавноста, за да се покаже итноста од потребата за сериозно работње на подобрувањето на квалитетот на животот во Македонија. 

Advertisement
Advertisement

Американскиот автор и мотивациски говорник Зиг Зиглер има еден цитат кој вели „ Повторувањето е мајка на знаењето, татко на акцијата, поради што е архитект на остварувањето“.

Бобан Илијевски

Advertisement