Пет деловни приказни кои секој лидер треба да знае да ги раскаже
Раскажувањето е уметност стара колку и човештвото. Илјадници години луѓето низ приказните пренесувале знаење, се учеле едни со други, обликувале култури и ги сочувале важните пораки за идните генерации. Ни денешниот деловен свет не е исклучок. Напротив, секој кој сака да биде успешен лидер може да има голема корист од вештината на раскажувањето. Кога е добро раскажана, приказната создава емоционална врска со слушaтелот и влијае на начинот на кој размислува, чувствува или носи одлуки.
Истражувањето објавено во списанието MIT Sloan Managment Review покажало дека раскажувањето во програмите за развој на раководителите било поуспешно од многу други методи кога станува збор за лидерските вештини. Добрата приказна не само што ја прави пораката полесна за помнење, таа помага во тоа луѓето да го разберат нејзиното значење и полесно да усвојат одредена идеја или концепт.
Приказните ги обликуваат поединците, но можат да имаат уште поголемо влијание на организациите. Понекогаш тие подобро ги пренесуваат вредностите и ја дефинираат културата од визијата на компанијата или слоганот.
Едно ново истражување покажало дека менаџерите кои ги користеле приказните за да ги решаваат конфликтите или разговарале за предизвиците со своите тимови многу почесто успевале да ги постигнат саканите резултати. Кога ситуациите се сложени, приказните ги поедноставуваат информациите и ги прават разбирливи. Добрата анегдота често може да го објасни она за што би требало повеќечасовно излагање.
Сите во себе носиме стотици приказни од личните и професионални искуства кои можеме да ги искористиме за да влијаеме на другите. Во текот на своите предавања и програмата за развој на раководители ширум светот, авторот издвојува пет видови на приказни кои секој лидер би требало да ги има во својот комуникациски арсенал.
Приказна за потеклото
Оваа приказна објаснува како настанала компанијата и ги открива нејзините вредности, мотиви и приоритети. Тоа може да биде приказна за тоа зошто фирмата е основана, кои проблеми сакала да ги реши или кои идеи го покренале нејзиниот развој. Еднакво корисно е да имаат спремно и лична верзија – како сте станале дел од организацијата или поради што сте се определиле за својата професија.
Таквите приказни се особено корисни во разговор со потенцијални клиенти, партнери или на разговори за работа, бидејќи на луѓето им даваат контест и им помагаат подобро да ве запознаат.
Приказна за вредностите
Целта на оваа приказна е да покаже какви вредности создавате.
Наместо да говорите колку сте успешни, раскажете конкретна приказна која покажува како сте му помогнале на клиент, сте го решиле неговиот проблем или позитивно сте влијаеле на заедницата.
Кога луѓето низ пример ќе ја видат користа која ја носите, многу полесно ја развиваат довербата отколку само да им наброите факти или статистики.
Приказна за најголемиот предизвик
Секоја компанија во некој момент се соочува со сериозно искушение.
Можеби се појавил силен конкурент, настапила економска криза или пазарот неочекувано се променил. Важно е да се има приказна која покажува како сте реагирале, сте се прилагодиле и сте пронашле решение.
Ваквите приказни покажуваат отпорност, флексибилност и упорност – карактеристики кои влеваат доверба во клиентите, партнерите и вработените.
Приказна за решение
Ова е приказна која покажува како сте го препознале проблемот и сте го решиле благодарение на својот производ, услуга или стручност.
Најдобро функционира кога се базира на вистински пример. Претставете го предизвикот со кој клиентот се соочил, објаснете што сте направиле и каков бил резултатот.
Таквите приказни имаат убедлива сила бидејќи потенцијалните клиенти лесно можат да замислат како би ги решиле и нивните проблеми.
Приказна за грешките
Можеби најважна од сите.
Таа покажува дека сте човек.
Тоа може да биде лична грешка, погрешна процена или деловен неуспех на вашата компанија. Клучно е да објасните што се случило, што сте научиле од тоа и како искуството ве направило подобар лидер или организација.
Луѓето многу полесно им веруваат на оние кои отворено говорат за своите неуспеси отколку на оние кои се обидуваат да остават впечаток дека никогаш не погрешиле.
Секој има приказни кои вредат.
Секојдневно создаваме нови приказни низ работата и животот. Секоја од нив може некого да инспирира, мотивира или да го научи нешто важно.
Размислете за сопствените искуства и обидете се да пронајдете по една приказна за секоја од овие пет категории. Веројатно ќе откриете дека веќе ги имате – само досега не сте ги посматрале на тој начин.
Истовремено, слушајте ги приказните на другите луѓе. Разговарајте со колегите, менторите, директорите или вработените кои се долго во компанијата. Нивните искуства можат да станат дел од организациската култура и да се пренесуваат од генерација на генерација вработени.
Што повеќе ги собирате и споделувате, ќе бидете поуспешни во поврзувањето со луѓето. Бидејќи секоја добра приказна која ќе ја раскажете претставува подарок за публиката – токму како што и секоја приказна што ќе ја чуете е подарок за вас.
Извор: BIZLife.rs

