Македонија

Поделени 70 решенија за еднократна парична помош за новороденчиња во Општина Центар

Поделени 70 решенија - Работник
215views

Денес, во ООУ „Киро Глигоров“, градоначалникот Саша Богдановиќ, ги подели решенијата за парична помош во висина од 7.000 денари на 70 баратели со новороденчиња од Центар.

Средствата се доделуваат редовно, во рамките на проектот на општината за првична помош и поддршка на родителите кои се жители на Општина Центар, а од минатата година општината потпиша меморандум за соработка со општествено одговорни компании и здруженија кои на овие семејства им донираат пакети со производи и услуги.

Годинава, ова е прв циклус на доделување парична помош за новороденчиња во Општина Центар.

На денешниот настан во ООУ „Киро Глигоров“ присуствуваа и претставниците на општествено одговорните компании и здруженија кои во оваа прилика на семејствата им поделија: сет производи за бебиња од „Hipp“; ваучер во износ од 1.500 денари за педијатриски преглед во ПЗУ „Жан Митрев“; вредносен ваучер во износ од 1.000 денари од „Еурофарм“; пакет производи со органска козметика за бебиња од компанијата „Веледа“; бесплатни часови за јога и совети за доење од „Астера“и бебешка храна од „Еурохуман“.

На настанот, градоначалникот Богдановиќ им упати искрени честитки на родителите и се заблагодари на компаниите и здруженијата за нивната општествена одговорност, изразувајќи уверување дека, во иднина и други компании ќе го следат нивниот пример.

Согласно Правилникот за добивање на парична помош за новороденче, потребно е да се поднесе барање, а во прилог да се достават на увид фотокопија од важечки лични карти или пасош за лична идентификација со адреса на живеење или престојување во Општина Центар, фотокопија од извод од Матична книга на родените за новороденчето и фотокопија од трансакциска сметка на барателот на оваа помош. Рокот за поднесување на барањето е 6 месеци од денот на раѓањето на новороденчето.