КолумниНовости

Порака до токсичните на работните места

   Време за читање 2 минути

Преферирам често да зборувам на една тема која сметам дека е од голема важност – токсичните колеги на работните места. Верувам дека сите вие кои го читате текстот, имате барем по едно искуство со токсични колеги – кои се арогантни, останатите ги гледаат од високо и постојано префрлаат индиректни навреди кои сопрво звучат како шега, но оној кон којшто се упатени, добро знае на што алудираат.

Многу е тешко да се биде опкружен со такви колеги (еден да е таков, па маката ќе биде огромна), но за жал, многумина се подготвени да ги трпат затоа што не сакаат конфронтации или сметаат дека немаат друг избор, што е голема невистина, бидејќи сите имаат опции. Сепак, не мислам дека доколку се наоѓате во таква ситуација дека треба веднаш да дадете отказ. Прво, разговарајте со менаџерот и работодавачот и прибрано и сталожено кажете му ја ситуацијата. Сметам дека во време кога има голем недостиг на работна сила дека има големи шанси да преземе мерки и да го опомени или казни токсичниот колега. Доколку и после опомената и казната/дисциплинската мерка не се смени неговото однесување, тогаш реално би требало да му даде отказ. Во најголем дел од случаите, тој не пречи само на еден вработен, туку на повеќето од нив кои работат во негова посредна близина.

Ако работодавачот не преземе ништо, тогаш редно е да ги разгледате вашите опции и да му кажете: „Сѐ најдобро, поздрав“.

Тука сакам да ги споменам и токсичните луѓе. Некои од нив мислат дека така треба да се однесуваат, но некои од нив знаат дека се токсични, но продолжуваат да си тераат по свое. Најчесто, овие луѓе се и конфликтни, па токму поради таа нивна поправлива мана, не напредуваат многу во компанијата или често менуваат работни места. На таквите би им порачал да преземат нешто за да увидат дека во нив е проблемот. Не знам, можеби добар психотерапевт може да помогне. Како и да е, нивното однесување нема да ги однесе далеку, ниту на професионален ниту на приватен план.

Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера