Предлог Законот за плати во јавен сектор предвидува многу начини за намалување на платите на вработените, предупредува Неделков

Советот на СОНК по опсежни анализи го анализираше Предлог Законот за плати во јавниот сектор и заклучокот е дека истиот има повеќе негативни од позитивни страни, рече Претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес – конференција.

Неделков посочи дека Советот на СОНК заклучил дека овој Предлог Закон е противуставен и дискриминирачки, како и е спротивен на интересите на работниците во јавниот сектор и не му дава можност на колективното договарање да ги подигне правата на работниците во јавниот сектор. Додаде дека не само што ќе предизвика стагнирање на колективното договарање, туку ќе укине и некои од правата коишто се веќе воспоставени со колективните договори.

„Тоа значи дека со овој Предлог Закон се елиминира можноста за уредување на платите и надоместоците со колективните договори. Ова е сосема спротивно на Уставот на Република Македонија, каде што децидно е кажано дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со Закон и колективни договори“, посочи Неделков.

Предлог Законот за плати во јавен сектор предвидува и да не се исплатат средствата за дополнителната компонента на платите, за што Неделков повторно вели дека тоа е против уставно, бидејќи истото значи дека доколку се направи таква процена од страна на надлежните на вработените во јавниот сектор нема да им се исплатат тие средства.

Истото е однесува и во однос на платите и надоместоците, каде што со овој Предлог Закон се предвидува да се скратат истите доколку нема доволно средства во буџетот или доколку Владата има други приоритети.

Во овој дел, како што посочи Неделков, синдикатите нема да имаат никакво влијание за социјален дијалог и преговори со надлежните, што апсолутно не е во ред.

Забелешка на СОНК е и тоа што овој Предлог Закон дозволува Методологијата за анализи на работните места да се уредува со Уредба на Влада. Тоа значи дека бројот на работници што ќе бидат потребни за функционирање на установите и работните места ќе бидат утврдени со уредба.

„Немаме можност да правиме никакви корекции. Никој нема ниту да не праша, ниту да не консултира. Повторно социјалниот дијалог и партнерство се укинуваат“.

Вредноста на бодот е уште една болна точка, вели Неделков. Како што вели, вредноста на бодот по предлог на Владата ја утврдува Собранието. Оттаму, вели, синдикатите во јавниот сектор нема да имаат влијание врз тоа колкави ќе бидат платите во секторот; колективните договори нема да бидат во важност и се она што досега е договорено со колективните договори со методологиите на пресметки на плати станува ништовно.

Согласно Предлог Законот, вели Неделков, висината на платата ќе зависи и мора да биде во согласност со коефициент на максимален износ на плати, а врз основа на стратешки утврдени приоритети.

„Еве, можеби дејноста детска заштита нема да биде стратешки приоритет на државата и тоа ќе значи дека според процената на државата, во оваа дејност воопшто ниту ќе се зголеми платата, а можно е да се намали“, посочи Неделков.

СОНК има забелешка и во делот на коефициентот за корекција на платите, каде со проценка на Владата ќе може да се донесе одлука каде што ќе се намалат платите во јавниот сектор во случај на кризна состојба и Владата одлучила дека средствата треба да се намалат во однос на платите.

„Имавме ситуација пред една- две години со пандемијата, се соочивме со ваков проблем, меѓутоа апсолутно колективните договори беа тие кои ги заштитија работниците и се исплаќаа целосни плати. Имаше обиди за намалување на платите, но не постоеше законска можност. Е, сега на ваков законски начин се бара легитимно да може да се намалуваат платите во јавниот сектор секогаш кога процената на Владата ќе биде дека треба да се намалат платите“, истакна Неделков.

Посочи дека Предлог Законот содржи и дискриминирачки елементи, бидејќи одредени одредби важат само за одредена категорија на вработени, осврнувајќи се на тоа дека во него постои член кој важи само за административни работници, а во јавниот сектор нема само административни работници.

Неповолно во Предлог Законот е уредено и правото на штрајк и исплата на дневници за време на штрајк.

„Ние тоа го имаме уредено во колективните договори, каде што се подигнати правата на работниците кога штрајкуваат, а сега на овој начин со Закон се елиминира тоа право, односно имаме право на штрајк, но согласно одредбите од овој Закон треба да се исплаќа согласно законската регулатива која е неповолна за нас. За нас се подобри правата утврдени во колективните договори“, рече Неделков.

Не е прифатлива ниту новата Методологија за пресметка на плати согласно Предлог Законот. Со неа при секое зголемување на минималната плата ќе се коригираат платите во јавниот сектор каде што минималната плата ќе биде основица за пресметка на плата, што според Неделков е добро, и на неа ќе се додадат бодови по работно место.

„Тоа би значело дека линеарно би се зголемиле платите во јавниот сектор. Тоа исто така значи дека на најниската работна позиција со најмала сложеност на работно место до најголемата позиција или најсложеното работно место, ќе имаат линеарно зголемување. Ако сега се работи за некоја сума од 2,000 денари, тоа значи дека сите вработени во јавниот сектор без разлика на кое работно место работат, ќе имаат зголемување од по 2,000 денари“, објасни Неделков.

Неделков нагласи дека со ова може да се дојде до повторно порамнување на платите, со што повторно ќе се направи урамниловка на платите.

Неделков порача дека СОНК не е против носење на ваков Закон, но истиот треба да биде во полза на сите социјални партнери (синдикати, работодавачи и Владата). Тој истакна дека би за пример би требало да се земе хрватскиот Закон каде во три четвртини од него се споменати синдикатите и кои не е противуставен и не ги намалува правата на работниците.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.