МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Пред распишувања на избори, МНР води дисциплинска постапка против член на Македонскиот Дипломатски синдикат

Пред распишувања - Работник
162views

Непосредно пред распишувањето на изборите на 16-ти февруари, Министерството за надворешни работи формираше Комисија за водење на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на член на Македонскиот дипломатски синдикат, истакнаа од синдикатот во соопштението за јавност.

Според нив, една од можните санкции, доколку се утврди одговорност за дисциплински престап, е и престанок на работен однос. Согласно Изборниот законик, член 8-а, став 1,  алинеја 5, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори, до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно резултатите од изборите, не може да се започне постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување. Оттаму, започнатата постапка за дисциплински престап против член на МДС мора да биде ставена во мирување.

„Спротивно на одредбите од Изборниот законик, на ден 25-ти февруари 2020 год. претседателот на дисциплинската комисија, Методија Белевски, закажа расправа за 02.03.2020 година, флагрантно кршејќи го ИЗ со дејствие коешто согласно член 178, став 1 и 2 од истиот Законик претставува кривично дело“, посочуваат од Македонскиот Дипломатски синдикат.

Македонскиот дипломатски синдикат најостро го осудува потегот на Министерството за надворешни работи и бара да бидат почитувани одредбите од Изборниот законик за сите вработени во МНР подеднакво, вклучително и за членовите на МДС. Доколку раководството продолжи да презема дејствија кои се казниви како кривични дела согласно Изборниот и Кривичниот законик и во конкретниов случај не ја стави дисциплинската постапка во мирување, МДС ќе поднесе соодветни кривични пријави против сторителите.