Премолчувањето на проблемите на работа може да ве чини здравје – Споделувајте ги, па макар анонимно

Автор: Бобан Илијевски

Голем дел од работниците имаат проблеми на работните места и често истите ги премолчуваат мислејќи дека ако ги кажат некому, некако ќе стигнат до нивните надредени и тие ќе се влошат – или можеби ќе добијат отказ.

Од свое лично искуство можам да потврдам дека молчењето никогаш не е добар избор. Ни во еден случај. Како што поминува времето и проблемите се наталожуваат, ќе почнете се повеќе и повеќе да потпаѓате под стрес. Нема да имате апетит, храната што со сила ќе ја јадете, нема да може добро да се вари во вашиот желудник бидејќи ќе биде вознемирен, па често ќе имате тегоби.

Ситуацијата ќе ескалира кога ќе станете се повеќе нерасположени и незадоволни од вашата работа.

Евентуално, сиот тој бес којшто се акумулирал во вас ќе експлодира врз вашите најблиски кои во случајот се само колатерална штета. Ќе се расправате со родителите, партнерите… Не по ваш избор ќе станете токсична личност во вашето најблиско опкружување.

Како и што напоменав погоре, ова го пишувам од лично искуство. И јас самиот ги имав симптомите коишто ги набројав кога пред речиси пет години работев на едно многу токсично (отровно) работно место и молчев за проблемите со кои се соочував.

Ситуацијата ескалираше кога моите, да ги наречам, проблеми од работа, се прелеаја во мојот приватен живот, а најголема жртва во сето тоа беше мојата мајка. Се расправав со неа за глупости, не сфаќајќи дека имам друг избор (тогаш мислев дека ако дадам отказ ќе нема да можам да најдам друга работа, но се излажав). Се плашев дека ќе останам без пари, а требаше да се плашам дека ќе останам без здравје. Работа можеш секогаш да најдеш, но изгубеното здравје, не може по ниедна цена да се врати назад. Проблемите не влијаеја само на моето здравје, туку и на здравјето на моите најблиски.

Многу добро се сеќавам на еден ден кога веќе ми дојде преку глава и одбивав да одам на работа. Почнав да се расправам со мајка ми, а бидејќи и ѝ беше премногу од се, почна да плаче. Денеска кога ќе се присетам на тоа ми паѓа многу тешко, но тоа веќе помина. Кога започнав да работам во порталот Работник беше пресреќна и успеавме да ги оставиме проблемите зад нас.

На старото работно место, ситуацијата беше толку лоша што морав да дадам отказ. Што не мора да значи дека и вие кои го читате ова треба да го направите истото. Прво треба да се обидете да најдете решение на проблемите, а за најголемиот дел од проблемите постојат решенија. Јас не можев да најдам решение и бидна што бидна.

Исто така, би сакал да ве охрабрам колку што можете повеќе да ги споделувате вашите проблеми, па макар и анонимно. Пред некој ден прочитав една исповед на вработена на порталот Црнобело која анонимно пишуваше за тоа дека откако дала отказ од работа на нејзините колеги им биле зголемени платите. Постојат интернет форуми, медиуми како Работник, со кои можете анонимно да ги споделите вашите приказни, а притоа не мора ни компанијата да ја споменувате. Ништо од тоа не е важно, освен да ви „падне каменот од душа“. Моето лично искуство мислам дека треба да биде поука за тоа дека проблемите никогаш не треба да се премолчуваат, бидејќи создаваат хаос и во приватниот живот.

Пред да се одјавам од оваа колумна, би сакал да кажам дека ставовите коишто се искажани тука се лично мои и истите не ги земајте во предвид доколку сметате дека не се на место. Моја единствена цел е да помогнам колку што можам користејќи го моето искуство.

 

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.