КолумниНовости

Пропаста на газдите-феудалци се ближи. Работодавачите треба да ја искористат за да ги привлечат работниците кои бегаат од нив

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Веќе подолго време владее една криза која се разликува од енергетската и економската, а тоа е кризата со немање човечки капитал или едноставно речено – криза со недостиг на работна сила.

Имено, кризата со недостиг на работна сила најголем замав зеде последниве две години откако настапи пандемијата со Ковид -19 и е присутна насекаде во светот, па дури и во најразвиените западни економии.

Разликата помеѓу кризата на недостиг на работна сила на Запад и во Македонија

Една од најголемите причини за појавата на недостиг на работна сила во западните земји е стареење на населението. Со овој проблем во најголем дел се соочува Германија, но и останатите силни европски економии. Друга причина е преиспитување на приоритетите од страна на вработените, пракса која ја наметнаа влошените меѓучовечки односи на работните места, немањето на доволен баланс помеѓу работата и приватниот живот и незадоволството од работните услови. Како последица на сето ова, се зголеми и бројката на луѓе кои работат на далечина. Ваквиот модел на работа е најголемиот актуелен проблем со којшто се занимаваат работодавачите и работниците на Запад.

Се разбира, и таму има незадоволство од висината на платите, но не толку изразено како на нашите простори.

Во Македонија, кризата со недостиг на работна сила ја создадоа газдите кои ги прекршуваат работничките права. Тие ги избркаа работниците од државата или пак ги натераа да заминат во други дејности. Поради ова, настрадаа и компаниите кои можат да се наречат работодавачи, односно кои имаат ферски однос кон своите вработени, оти и тие останаа без работници.

Мене ми е навистина жал што генералната слика во Македонија е дека работодавачите се експлоататори или феудалци. Треба во предвид да земеме дека не сите работодавачи се газди. Има и работодавачи кои своите вработени ги третираат како соработници овозможувајќи им ги сите права согласно трудовата регулатива. Некои од нив им овозможуваат и повеќе од тоа (бонуси, надоместоци, повеќе денови за одмор…).

Работодавачите треба да ја искористат кризата за да придобијат работници

Со оглед на тоа дека се повеќе работници бегаат од газдите, тоа е шанса за вистинските работодавачи преку соодветни стратегии да ги привлекуваат кај нив. Со тоа ќе покажат дека во оваа држава навистина постојат компании кои се општествено одговорни, но и мислат за иднината на работниците или кандидатите за работа.

Состојбата на пазарот на труд е многу јасна – се повеќе газди остануваат без работници. Дел од тие работници заминуваат надвор од државата, дел се префрлаат во други дејности. Младите пак, се повеќе се ориентираат кон работа преку дигитални платформи кои им овозможуваат да работат од дома за некоја странска компанија.

Работодавачите треба максимално да го искористат заминувањето на работниците од феудалната раја преку мерки кои би ги привлекле истите. Мислам дека кога самите ќе видат дека работат во одлични работни услови и земаат подобри плати, нема да сакаат да заминат од тука, а сликата за компаниите во Македонија ќе започне да се менува од негативна во позитивна.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува ставовите на Порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.