ПУ-ПУ, ЗАКОНИТЕ НЕ ВАЖАТ – „Без никакви проекции и објаснувања, работничките прва се ограничија во сериозно краток рок“ – Со ова се нарушува правната сигурност
Зошто е проблематична препораката на Владата за работа во недела и претстојните празници? На ова прашање, свое размислување даде и Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници.
Таа во пишан одговор до редакцијата на Работник посочи дека овој проблем има три сегменти. Според неа, прво и најосновно проблематично е тоа дека доаѓа само на два дена кога треба да почне да се применува (препораката беше донесена на 28, а се однесуваше веќе за од 31 декември).
Работниците, имајќи ги предвид сите претходни искуства и дотогашни разговори, веќе ги имаа испланирано своите слободни денови. На овој начин, тие ја губат сигурноста и правата кои претходно им биле гарантирани, вели Атанасова.
Втор сегмент во проблемот, како што вели правничката, е итноста на препораката која е нејасна и необјаснета. Во известувањето од седницата на Владата се наведува дека се излегува во пресрет на луѓето во местата каде што нема молови, особено на туристите.
Сепак, немаше ниту една проекција што го оправдува поттикнувањето за работа на празници, рече Атанасова и наведе дека особено не е објаснето како одеднаш ова стана проблем и се ограничуваат работничките права во сериозно краток рок.
Третиот проблематичен дел е самата препорака, која се коси со постоечките закони.
Законот за работни односи утврдува забрана за работа во недела и празници освен за точно наброени категории на дејност, а Законот за трговија содржи исто така забрана за работа во недела и празници, со точно наброени исклучоци, кои имаат право по своја оцена да работат и во овие денови, но за зголемена дневница, вели Атанасова.
Меѓу овие исклучоци се наведени и „во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност“. Препораката на Владата се однесува на „продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало“, со што, објаснува Атанасова, се трга секое ограничување и се отвора простор за работа на апсолутно сите објекти за продажба на мало.
Јасно е дека станува збор за препорака, а не за одлука, но препораката значи охрабрување во сериозно краток рок да им го изменат периодот за одмор и време со семејството на работниците, нешто што досега им било целосно загарантирано, истакна Атанасова.
Акцентот го стави на тоа дека препораката особено значи охрабрување на објектите кои немаат законски основ за работа во недела и празници, тоа да го направат.
Тука повторно на удар се првата на одмор и време со семејството на работниците кои со искуството од претходните години, законските текстови и Програмите за неработни денови, истите овие денови ги третирале како неработни, а тоа право го губат буквално претпоследниот работен ден од годината. Работниците на овој начин повторно добиваат правна несигурност, вели Атанасова.
Ние сите би биле пресреќни кога би се развиле во сериозна туристичка атракција која привлекува гости за новогодишните и божиќните празници, посочи таа и додаде дека луѓето очекуваат дека постојат органи и тела кои го следат таквиот развој и дека истите ќе објават навремено дека е потребен зголемен обем на работа, за да се остави соодветен простор за организирање на работниот процес кој нема да влијае врз работничките права, а особено врз нивното достоинство и правна сигурност.
Инаку вчера, во краток разговор со вработена во еден супермаркет, забележав дека таа очекува да не работат на Божиќ. „Барем само тој ден“, рече со потивок тон. Но, тоа е неизвесно, оти сѐ уште им немаат кажано дали тој ден ќе се работи.
- „Успехот“ на минатата Влада и оние пред неа: Над 32 % младинска невработеност, една од највисоките во Европа - 28/04/2025
- ГРАДЕЖНИШТВОТО ОДЗЕЛО НАЈМНОГУ ЖИВОТИ НА РАБОТНИЦИ ВО 2024 ГОДИНА – Еве во кои дејности имало најмногу повредени - 28/04/2025
- Справување со токсични колеги: Водич за одржување на разумот - 25/04/2025