Работа на половина работно време или за време на викенд – Луѓето се повеќе го жртвуваат слободното време за повеќе пари

Работа на половина работно време или работа преку викенд. Граѓаните се повеќе размислуваат да работат дополнително

Автор: Бобан Илијевски

На интернет има многу огласи преку коишто граѓаните бараат дополнителна работа. Вака гласи првата реченица од текстот на порталот „Фактор“. Оваа информација воопшто не зачудува земајќи го во предвид енормното зголемување на цените на основните производи.

Последните податоци на Државниот завод за статистика за трошоците за живот во месец април покажуваат зголемување за 10,5 % во однос на април 2021 година, додека цените на мало се зголемени за 11,1 %.

Од друга страна минималната плата се зголеми од 15,194 на 18,000 денари, односно за 2,806 денари. Кога ќе се земат во предвид зголемените трошоци за живот, многу лесно би се дошло до сознание дека ова зголемување не може никако да ги покрие трошоците. Со плата, со којашто не може да се покријат трошоците, не може ни да се живее, односно преживее.

Токму поради ова, луѓето мораат да бараат дополнителна работа на половина работно време или 20 часа или пак работа преку викенд.

Работењето дополнителна работа значи помалку слободно време, коешто работниците го одвојуваат за да бидат со своите најблиски; време коешто го користат за да можат колку – толку да се одморат и да се погрижат за своите лични потреби.

Со оглед на тоа дека се зголемува бројот на луѓе кои бараат плус уште една работа, истовремено се намалува и балансот помеѓу работата и приватниот живот. Кога работата премногу ќе ги надмине границите на приватниот живот, тоа се одразува на менталното здравје на човекот. Ова не го велам јас, туку врвни психолози.

Имено, една од причините за настанување на депресијата е и големата преработеност. Оттаму, во иднина можеме да очекуваме и поголема депресивност кај македонските граѓани (повторно нагласувам дека ова го велат психолози) токму поради преголема преработеност.

Не залудно работниците коишто протестирале во Чикаго барале воведување на осумчасовно работно време. Да било до тоа да се работи по цели денови, тогаш воопшто немало да се бара ниту воведе ова работно време. Сепак, факт е дека македонските работници се принудени да работат дополнителна работа на половина работно време или преку викенд. Немаат друг излез. А и во држава каде се гледаат исклучително тесни партиски и роднински интереси, нема друг излез, освен да се работи уште една работа или да се напушти државата.

Реално, не знам веќе што да кажам поврзано со ова. Политичарите, експертите и креаторите на политики постојано велат дека треба да се направи ова, треба да се направи она, но никако тоа треба, оние чија должност им е, не го претвораат во реалност.

Сте забележале дека најчесто пишувам кратки колумни. Тоа го правам бидејќи сакам да ги опфатам суштинските работи кои се од круцијална важност без да филозофирам. И онака има непотребно голем број на „филозофи“ во нашата си Македонија.