Работна сила постојано губиме, ТИЕ со закани за отпуштања
Работна сила во Македонија има се помалку. Квалификувана, речиси и да нема, а и неквалификуваните работници постепено заминуваат. Да бидеме реални, проблемот се недостиг на работници е проблем во секоја земја, вклучително и земјите од Западна Европа и САД. Само што разликата помеѓу Западните земји и Македонија е во тоа што таму им ги зголемуваат платите и им даваат дополнителни бенефити за да ги привлечат. Кај нас, ги отпуштаат од работа или се закануваат дека ќе ги отпуштат, поради зголемувањето на минималната плата. Епа сега, видете ја разликата помеѓу логиката на нашите работодавачи и западните. Дијаметрално е различна. Можеби нашиве си мислат дека со отпуштањето на вработени, ќе привлечат нови работници. Можеби се водат по паролата „Отпушти, за да привлечеш работник“. Што и да мислат и да прават, делуваат надвор од логиката на нештата.
Во соседна Србија, компанија воведе четиридневна работна недела
Знам дека сега некој ќе ми рече оти не можеме да се споредуваме со Западните земји и САД. Јас не правам споредба, туку едноставно само давам пример, по којшто би требало да се водиме.
И други работодавачите од нашиот регион, прават напори да ги зголемат платите, со цел да привлечат работна сила. Покрај платите, тие воведуваат и нови бенефити и модели на работа. На пример, во Србија, една компанија скоро објави дека нејзините вработени ќе работат четири дена во неделата. Истата компанија ги повика и останатите да го воведат овој модел, поради тоа што во експерименталната фаза, се покажало дека истиот ја зголемил продуктивноста на вработените.
Хроничен недостиг на работна сила во градежниот сектор
Градежниот сектор во Македонија се соочува со сериозна криза со работна сила. Ова, во интервју за порталот „Работник“ го потврди и првиот човек на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија, Андреа Серафимовски. Притоа, рече дека очекува уште повеќе да се намалува работна сила во овој сектор.
Серафимовски се согласува со барањето на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање за воведување на бенефициран стаж на работникот. Смета дека тоа би било дополнителна мотивација за работниците. И министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, на средбата со Синдикатот на рудникот Бучим, рече дека Комисијата за ревизија на работни места на кои стажот им се смета со зголемено траење, при МТСП, наскоро ќе ги разгледа барањата за утврдување на работните места со бенефициран стаж.
„Комисијата која е формирана во декември минатата година многу скоро ќе почне да ги разгледува барањата за бенифициран стаж. Во одреден рок ќе треба да ги разгледа предметите пристигнати во Министерството за труд и социјална политика “, рече министерката Тренчевска.
Ова значи дека би требало да бидат разгледани и барањата за воведување на бенефициран стаж за градежните работници. Сепак, во оваа држава не се знае ништо, па останува да се види колку ќе се исполнат ветените работи.
Можеби воведувањето на бенефициран стаж ќе ги мотивира градежните работници да останат и да работат во овој сектор.
Тука би сакал да го дадам и моето мислење или мојата прогноза за тоа што ќе се случува во градежниот сектор. Голема е веројатноста дека бројот на странски работници, ќе го надмине бројот на македонски работници во овој сектор. Со оглед на немањето на работна сила, градежните компании ќе увезуваат работна сила од странство. Истовремено, тие ќе треба и да им дадат поголеми плати на странските работници, бидејќи истите нема да дојдат тука за да работат од љубов.
Угостителството и туризмот се критични сектори
Се ближи туристичката сезона. Голем дел на македонски работници од секторот угостителство и туризам, започнаа да заминуваат на работа во Хрватска, Црна Гора и Малта. Некои отидоа и на постојана работа во преработувачките фабрики во овие земји. Како и да е, овој сектор е еден од најкритичните кога зборуваме за работната сила.
Прашање е на време кога и сопствениците на угостителски објекти ќе започнат да примаат странски работници. Сепак, колку време и да помине, едно е факт, а тоа дека увозот на странски работници во овој сектор е неизбежен.
Македонските угостителски работници имаат многу можности да работат надвор, а и платите кои им се нудат се многу поголеми од оние коишто ги земаат тука. На пример, келнер во Хрватска може да заработи над 1,000 евра месечно, притоа сите трошоци да му се покриени од страна на работодавачот. Факт е и дека таму се соочуваат со проблеми, но со самото тоа што синдикатите имаат воспоставено соработка, може да се вработат во компании каде ќе им бидат исплаќани сите надоместоци, согласно Колективните договори.
Занаетчиството станува се по непривлечно за младите работници
Многу мал дел од младите во Македонија се одлучуваат да се занимаваат со некој занает. Оттаму и занаетчиите се соочуваат со недостиг на работна сила. За многу од младите, занаетите се старомодни, па настојуваат да се насочуваат повеќе кон дигиталните професии. Сепак, занаетите никогаш нема да изгубат на вредност. Секој оној којшто има некаков вид на занает, може да заработи пари во секое време. Ова го велеле старите и навистина биле во право.
Како што поминува времето, занаетчиите се повеќе работат сами. Моите прогнози се дека некои од занаетите, ќе дојдат до тоа ниво да исчезнат.
Државата вели работна сила има, но во пракса сликата е сосема поинаква
Претходната, па и сегашната Влада, често знаат да се пофалат дека невработеноста е намалена, а сепак има недостиг на работна сила. Да, можеби невработеноста е намалена, но како резултат на иселување на работниците од државата, а не нивно вработување.
Мора да се признае дека државата се обидува да обезбеди квалификуван кадар за компаниите преку дуалното образование и проектот „Учи паметно, работи стручно“ којшто го имплементира во соработка со амбасадата на Швајцарија. Колку ќе биде успешен овој проект, ќе покаже времето, но лично мислам дека и да успеат да создадат голем број на стручни работници, истите нема да останат во Македонија и да работат за моменталните плати.
Имаме компании коишто нудат плати над просекот, но тие не можат да ги вработат сите работници. Мора да се настојува кон тоа да се инвестира во големи компании или корпорации коишто ќе можат да им понудат поголеми плати на младите, но и за да се случи тоа, треба да имаат волја. Согледувајќи ја ситуацијата, волја слабо има.

