Работникот нема обврска да одговори на прашањето КОЛКУ ПЛАТА ЗЕМАЛ НА ПРЕТХОДНАТА РАБОТА – Toa не смее да биде основ да тој биде елиминиран
Колку плата сте земале на претходното работно место? Ова прашање може да ви биде поставено или можеби ви било поставено на интервју за работа.
Не постојат точни и релевантни податоци во Македонија коишто покажуваат колку често се поставува ова прашање, но сепак тоа често се наоѓа на агендата на работодавачите или регрутерите за работа.
Во таа ситуација, кандидатите за работа се ставени во неповолна ситуација, не знаејќи дали да одговорат или не. Праксата вели дека луѓето аплицираат на други работни места, најчесто поради тоа што бараат повисоки плати, па доколку одговорат на ова прашање, би дошло до тоа да земаат иста или слична плата како и на претходното работно место.
Неетички и непрофесионално е да се поставува вакво прашање на интервју за работа
Според Зорица Силјановска, Универзитетски професор по трудово право на Универзитетот ФОН, работодавачот не смее да бара податоци коишто не се во непосредна врска со работниот однос. Смета дека прашањето за тоа колкава била платата на претходното работно место не ниту во согласност со законските прописи, ниту пак е етички и професионално.
За тоа дали е воспоставена пракса за поставување на ова прашање на кандидатите за работа, Силјановска вели дека не може да потврди оти во Македонија нема релевантни податоци за тоа. Сепак, нагласува дека тоа во ниеден случај не смее да стане пракса.
Нагласи дека работодавачот има право на слободно одлучување при изборот на кандидатот, под услов тој да ги исполнува утврдените и бараните услови за извршување на работата.
Работникот нема обврска да одговори на прашањето и тоа не треба да биде повод за негова елиминиран како потенцијален кандидат за вработување
Универзитетскиот професор по трудово право, Лазар Јовевски вели дека работникот нема обврска, ниту по еден основ, да кажува колку земал плата на претходното работно место.
Јовевски е на ставот дека доколку навистина се практикува, тоа е невкусна деловна пракса, но додава:
Зависи во кој контекст се дискутира. Ако можеби се постави прашањето за тоа кои се очекувањата на кандидатот во однос на платата којашто сака да ја добие на работното место, со оглед на неговите претходни плати и искуства, тогаш самата дискусија добива една друга конотација. Во такви услови, во ред е кандидатот и работодавачот да разговараат за висината на платата.
Секое работно место, вели Јовевски, има свои специфики, но и секој кандидат за работа е индивидуа сама за себе којашто си има свои специфики. Работодавачот отприлика знае колку плата да даде за тоа работно место, но дали кандидатот ќе даде одговор на тоа е друго прашање.
Во контекст на овие прашања треба да се биде внимателен, порачува Јовевски и додава дека неодговарањето на ваквото прашање, не треба да биде основа за да некој биде елиминиран како потенцијален кандидат за вработување.
Ова може да се дискутира и низ призмата на очекувањата на кандидатот за платата и колку работодавачот може да одвои за да го плати работникот, дополнува Јовевски.
Интервјуто за работа е наменето за компентенциите на кандидатот, а не за тоа колку земал плата
Советникот за кариерен развој, Катерина Златановска – Попова, во изјава за порталот Работник рече оти верува дека во последните години има огромен напредок во однос на водење на интервјуата за работа и прашањата кои им се поставуваат на кандидатите, во насока на тоа што е несоодветно или пак дискриминирачки.
Мојот став во поглед на конкретното прашање е дека воопшто не треба да е релевантно за новиот потенцијален работодавач колку кандидатот заработувал претходно. Би рекла дека тоа е едно од несоодветните прашања кои воопшто не зборуваат за компетенциите на кандидатот, она на што всушност би требало да се фокусира интервјуто, истакна Златановска – Попова.
Порталот Работник на својата Фејсбук страна им постави прашање на следачите и читателите во насока на ова. Повеќе од половина од одговорите беа дека на кандидатите за работа им се поставува прашањето: „Колку плата сте земале на претходното работно место?“
Фото: Freepik

