РАБОТНИК ИНТЕРВЈУ – Дисоска: Поголемата транспаретност ќе придонесе кон подобрување на правата на жените работнички
Жените и работничките права се наша денешна тема за која разговараме со Претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска.
Како гледате на генералната состојба со правата на жените-работнички во Македонија?
Можеме да имаме различни позиции на гледишта. Едното е од аспект на легислативата, каде што немаме проблеми, но се поставува прашањето како се имплементираат тие закони. Многу често позицијата на жените работнички е искомплицирана и доведена во прашање од аспект дали тоа е пристојна работа за жените работнички и колку се води за тоа сметка. Се’ повеќе сме свесни дека доколку немаме жени работнички коишто се пристојно третирани на своите работни места, ние работодавачите ќе останеме без работници. Сметаме дека посветувањето време, енергија и труд за да се воспостави една добра корелација помеѓу работодавачите и работниците е нешто на што мора да се работи, затоа што, во спротивно, и ние работодавачите нема да имаме добри работници, што значи дека нашата работа ќе трпи.
Ситуацијата во некои сектори е подобра, а во некои полоша. Се’ уште имаме разлика помеѓу платите на жените и мажите за иста работна позиција, со исто работно време, со истите параметри. Жените, гледано на национално ниво, имаат 17.2 % помала плата од мажите. Истото се случува и на светско ниво. Разликата на платите помеѓу мажите и жените на светско ниво изнесува 20 %, што значи дека ние сме подобри од светкиот просек, но тоа значи и дека имаме простор да се подобриме и да работиме на воспоставување на параметрите, да бидеме транспаретни во работењето и да бидеме транспаретни во давањето на плати. Да воспоставиме еден систем каде што ќе имаме иста плата за иста работа. Тоа се и светските трендови. Сега веќе се работи на воспоставување на критериуми преку декларации и кодекси за пристојна работа и еднаква плата. Последно, Меѓународната организација на трудот излезе со декларација која компаниите ја потпишуваат и велат дека ќе дадат еднаква плата за еднаква работа. Ова е нешто ново коешто се воведува и полека но сигурно влегува и кај нас. Тоа ќе значи дека компаниите ќе мораат да бидат транспаретни и платите да бидат видливи. Не можеме ние на работничките да им даваме работа како што ќе ни дојде, туку треба да го почитуваме договорот кој заеднички сме го потпишале, а работната позиција треба да биде доследно платена. Ние сметаме дека само на таков начин можеме да ги градиме нашите фирми, да имаме подобра економија и подобри плати за жените работнички. Сето тоа е еден систем кој е меѓусебно поврзан.
Пред некое време потпишавте и декларација која се однесува на жените работнички…
Декларацијата ја направивме во рамките на проектот „Пристојна работа за жените работници’, каде партнери сме ние и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување. Наши партнери и соработници, со кои се залагаме да направиме промени се синдикатите и Бизнис конфедерција на Македонија.
Како жените сами можат да се изборат за своите работнички права?
Она што ние го правевме во изминатите две години е едукација на жените работнички и како истите да се изборат за своите права. Прво, треба да ги спознаат своите права пред да влезат во работен однос. Убаво да го видат договорот што ќе го потпишат, да се запознаат со својата работна позиција и да се свесни за своите работнички права. Она што пак јас лично би ги советувала е да научат како да преговараат, бидејќи за работна позиција и плата се преговара, во спротивно секогаш ќе има работодавачи кои ќе речат за таа позиција следува толку плата, но ние треба да имаме предвид дека можеме и да преговараме. Зошто на мажите им се нудат поголеми плати отколку на жените? Тука жените треба да застанат и да кажат дека нема да работат за помала плата и да побараат иста плата како и колегите. За да стигнеме до тоа треба да имаме транспаретност во давањето на плати.
Што државата би требало да направи за да осигура почитување на нивните права?
Доволно е државата да овозможи услови на компаниите во кои ќе може да се развиваат, за тие да растат. Државата треба и да помогне во едукација на кадарот, особено во сферите како што се зелената и дигиталната транзиција. Само така можеме да стигнеме до поголеми плати.