- Advertisement -
КолумниНовости

Работниците излегуваат од работа без најава најчесто онаму каде што им се врши тортура

Бобан Илијевски - Работник
1.6Kviews

Бобан Илијевски

Американскиот магазин Forbes во еден текст пишува за тоа дека во последните година и половина има значителен раст на трендот којшто го нарекува „Great Ghosting“. Оваа фраза на македонски се преведува како „Големото исчезнување“ и истата се однесува големиот број на вработени кои без да го известат работодавачот, излегуваат од работа. Ова, според Forbes, во голем дел се случува во едни од најголемите светски компании, како Амазон, Фејсбук и ЏП Морган. Добро е познато дека многу работници од гигантот за електронска трговија Амазон се жалат на прекршување на работничките права, меѓу кои давање ниски плати (саатници), лоши работни услови, отпуштање на бремени жени од работните места итн. Кога ќе се земат овие прекршувања во предвид, може многу лесно да се увиди причината поради која вработените „исчезнуваат“ од своите работни места.

Во Македонија овој тренд бележи висока стапка веќе долго време токму поради прекршувањата на работничките права. Има и случаи каде вработените добиваат разни закани од страна на газдите за да не дадат отказ од работа, па тие се принудени да си заминат од компанијата, без да ги известат за тоа. Лично јас имам слушнато неколку вакви примери и поради тоа ги разбирам овие работници. Тие се во очај и не знаат друго што да прават, освен едноставно да избегаат. Исто така треба да се потенцира дека има и газди кои не го почитуваат отказниот рок, најчесто кога работникот повеќе не им е потребен. Тука не зборувам за нарушување на ред и дисциплина или пак за одбивање на извршување на работните задачи од страна на работникот. Реченицата „од утре не доаѓај на работа“, газдите најчесто ја користат кога повеќе ќе нема потреба за работното место на кое работи работникот.

Морам да нагласам дека има и работници коишто работат кај работодавачи кои ги почитуваат работничките права и им ги овозможуваат сите услови кои им се потребни, но тие кога ќе најдат друга работа која е повеќе платена, во некои случаи, излегуваат од работа без притоа да го известат работодавачот за тоа. Ова реално не е за оправдување. Во овие ситуации, според мене, би било добро да се извести работодавачот за намерата за давање на отказ. Доколку сте вреден работник кој му значи, тој ќе се потруди да ве убеди за да останете, нудејќи ви поголема плата или некои подобри бенефити. Можеби ова ви делува чудно и неверојатно, но во Македонија има и вакви работодавачи. Денешниот пазар на труд е буквално стеснет и не можат лесно да се најдат работници, а и за да се најдат, потребно е да се пушти оглас, па да се чекаат апликации, па да се одржуваат интервјуа со потенцијалните кандидати, нешто што на работодавачот ќе му одземе долго време за да најде соодветна замена за работникот којшто сака да си замине. Така, полесно му е да го убеди работникот да остане, нудејќи му поповолни услови, наместо да бара друг работник. Работници во овој период многу тешко може да се најдат. Натписите на излозите на продавниците, бутиците…, на кои пишува „БАРАМЕ РАБОТНИК/ЧКА“, сведочат за тоа.

Во ред е да заминете на работно место каде се нуди поголема плата и подобри услови за работа, дополнителни обуки или дури и можност за зачленување во теретана, ако ви е до тоа, но мислам дека претходно треба да се извести работодавачот, за да заминете од старото работно место со чист образ. Од каде да знаете, можеби еден ден повторно патот ќе ве однесе кон вашето старо работно место. Зарем малку има такви случаи?