МакедонијаПравдаСветот на работникот

Работниците кои се ослободени од работни обврски имаат право на целосна плата

За два месеци во период - Работник
1.63Kviews

Здравствената кризна состојба предизвикана од коронавирусот се претвори и во работничка криза, а најзасегнатите групи се хронично болните, родителите на деца до 10 годишна возраст и бремените работнички, истакнаа од Хелсиншкиот комитет за човекови права во соопштението.

„Овие вработени, согласно владините мерки, работодавачите треба да ги ослободат од работни обврски. Сепак, додека се применува оваа мерка, голем дел од работничките се соочуваат со намалени плати, а некои од нив воопшто не се ослободени од работните обврски“, велат од комитетот.

Во текот на месец мај, кај нив се обратила група на работнички кои спаѓаат во категоријата на хронично болни лица, поради прекршување на работничките права за време на вонредната состојба. На овие работнички за периодот додека се ослободени од работни обврски им ја намалиле платата, односно им исплатиле плата во износ од 70%.  Велат дека ваквото намалување на платите на работничките кои објективно не можат да ги извршуваат работните обврски е незаконито, влијае врз нивната и егзистенцијата на нивните семејства и претставува злоупотреба на вонредната состојбата предизвикана од пандемијата.

„Овој случај го пријавивме во Државниот инспекторат за труд (ДИТ), кој по спроведениот вонреден инспекциски надзор кај работодавачот утврди прекршување на правата на работниците. Работодавачот постапи по насоките дадени од страна на ДИТ, ги отстрани неправилностите и им исплати плата на хронично болните работници во износ од 100%“, посочија од Хелсиншкиот комитет.

Од таму ја поздравуваат позитивната реакција на Инспекторатот и ги охрабруваат работниците да продолжат да пријавуваат неправилности.

„Доколку се соочите со повреди на вашите работнички права пријавете во Државниот инспекторат за труд на 02 3 116 110 или на бул. Партизански одреди број 48А. Во случај да не сте сигурни дали станува збор за прекршување, контактирајте не за бесплатна правна помош на телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436 или преку електронска пошта на helkom@mhc.org.mk, секој работен ден од 09 до 15 часот“, порачаа од Хелсиншкиот комитет.