- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникот

Распоредот на работните процеси и работното време треба да се остави на компаниите

Стопанска комора - Работник
364views

По вчерашната панел дискусија за Недела како неработен ден, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, на која заклучокот беше дека голем број на дејности не можат да го сопрат технолошко – техничкиот процес, се огласија и од Сојузот на синдикатите на Македонија, од каде што посочија дека правењето на дебата дали би требало или не да се работи во недела, без да се слушнат работниците е еднакво на робовладетелско општество на кое се навикнати македонските работодавачи.

Истакнаа дека за работа во недела само за додатокот кој треба да го платат на работниците, а не го плаќаат, им остануваат 7 милиони евра за само една работна недела и 3 милиони евра за придонеси од задолжително социјално осигурување кои требало да ги платат на државата.  

Од Стопанската комора на Северна Македонија за порталот Работник велат дека генералната забелешка на бизнис-заедницата уште од почетокот на консултативниот процес поврзан со регулирањето на прашањето за неделата како ден за неделен одмор е дека има многу сектори и дејности каде технолошко-техничкиот процес е таков што не трпи одлагање и запирање, или истото ќе биде поврзано со големи застои и загуби, кои негативно ќе се одразат на продуктивноста и конкурентноста на работењето на деловните субјекти, и во крајна линија ќе донесат загуби во македонската економија.

Посочија дека ова пред сè се однесува на преработувачката индустрија (особено секторите кои се извозно ориентирани и кои имаат организирано четирисменски систем на работење), градежништвото и трговијата на мало.

Членките на Стопанската комора, велат, на високо ниво ги почитуваат и обезбедуваат остварување на сите права на работниците, поради што апелираат на штетноста на практиката на генерализирање, нагласувајќи дека доколку постојат изолирани повреди на работничките права, тие треба да се посочат и да се санкционираат, наместо да се пристапува кон нормирање на принципи кои може да имаат негативни ефекти за работниците, работодавачите, како и за целиот економски систем. 

„Во многу сектори и дејности, невозможно, непрактично или неефикасно би било запирањето на работните процеси, поради што одлуката како ќе бидат организирани работните процеси и распоредот на работното време треба да биде оставена на компаниите, додека надлежните органи треба да реагираат во случаите каде има непочитување на работничките права, доколку има такви случаи“, велат од Комората. 

Од овие причини, според Комората, формулирањето на финалното решение за уредување на неделата како ден за неделен одмор треба да се базира на аргументи, анализи и согледувања на сите можни ефекти кои ќе ги предизвика предложеното законско решение, затоа што во интерес и на компаниите и на работниците е задржувањето на секое работно место.

Во однос на тоа дали на бизинс секторот му одговора понеделник да биде слободен ден, како и што предложи проф. д-р Лазар Јовевски на седница на Економско – социјалниот совет, во својство на претставник на Конфедерацијата на синдикати на Македонија, претставниците на Стопанската комора кои учествуваа на панел дискусијата сметаат дека тоа треба да биде оставено на нив. Тие нагласија дека немаат ништо против засилување на инспекциските контроли. 

Игор Давков од „Скопје Ист Гејт“ рече проценките се дека околу 10 % од вработените ќе ги загубат своите работни места, додека во спортските обложувалници една третина од вработените би останале без работа, со воведување на недела како неработен ден. 

„Недела како ден учествува со околу 18 проценти во вкупниот промет на трговските центри. Неделата е еден од најпосетуваните денови во трговските центри бидејќи еден дел од популацијата не работи во недела и луѓето гледаат да го искористат своето слободното време во овие шопинг центри кои не се само дестинација за шопинг, туку и за забава“, истакна Игор Давков од „Скопје Ист Гејт”, кој го гради најголемиот трговски комплекс во државата.

Предложеното законско решение, како што посочи тој, дозволува еден дел од закупците во трговскиот центар да работат во недела, а други да не работат, што пак ја доведува во прашање економската оправданост за работа во недела на трговските центри.

Спортските обложувалници, чија работа во најголем дел зависи од спортските настани кои главно се играат за време на викендот, со законското решение би имале пад на прометот повеќе од 70 проценти.

„Повеќе од 70 проценти од прометот во нашите објекти се реализира токму во недела, бидејќи тогаш се случуваат и најголемиот број на спортски настани во недела. Од друга страна, спортските обложувалници се објекти кои се посетуваат кога луѓето имаат слободно време. Тоа значи дека директно повеќе од 70 проценти ќе има намалување на прометот, а со тоа и неможноста да се покријат основните трошоци на работењето“, рече Васко Илијевски од Групацијата на спортски обложувалници

Градежниците бараат сериозно да се преипита одлуката за неработа во недела бидејќи сметаат дека тоа ќе ја доведе во прашање навремената реалзиација на капиталните проекти.

„Како градежен сектор имаме направено анализи дека со неработењето во недела постигнуваме помала продуктивност во деновите пред и потоа. Значи деновите кога работниците треба да патуваат со оглед на тоа дека капиталните инвестиции се работат во реони кои не се матични за вработените, во саботите и во понеделникот ќе имаме помала продуктивност од 80 проценти“, нагласи Андреа Серафимовски од „Гранит” АД Скопје.

Неработењето во недела ќе ги стави под знак прашалник и одлуките за инвестирање на странските инвеститори.

Според Виктор Мизо од „Костел”, ова ќе биде негативен сигнал не само кон постоечките странски компании, туку и кон потенцијалните.

„Ако условите за работа претставуваат пречка за искористување на опремата, тогаш тие потенцијално ќе го разгледуваат неивестирањето кај нас или на кој начин инвестициите кои се веќе присутни, да се преадаптираат на новите услови на работа“, посочи Мизо.

Прогласувањето на неделата за неработен ден би предизвикало проблем и во преработувачката индустрија каде производствениот процес е 24-часовен и не дозволува прекин на работата, беше заклучокот на панел дискусијата.

Што се однесува до синдикатите, нивното барање е на оние работници кои ќе работат во недела, откако ќе се донесе законското решение за недела како неработен, да им се исплати за 50 % поголема дневница на овие работници. 

За Кристина Самарџиева од „Еуроникел Индустри“ е апсолутно неприфатливо да се исплати додаток на плата за работа во недела, од причина што веќе даваат два слободни денови во било кој ден во неделата. Таа истакна дека и воведувањето на сабота или понеделник како слободни денови, онаму каде што има 24 часовен работен процес е неприфатливо и неприменливо. 

Фото: Kateryna/ Pexels

Бобан Илијевски